Филмот „Биби, Боби и една снешкастична Нова година“ е најгледаната македонска премиера
Анимираниот филм за деца „Биби, Боби и една снешкастична Нова година“ на премиерата во киносалите на „Синеплекс“ постави нов рекорд за најгледан македонски филм во историјата на ова најголемо кино кај нас.
Анимираниот филм, кој е со ликовите од популарниот серијал „Светот на Биби“, успеа да ги распродаде сите 1.146 билети за премиерата.
„Најголемиот сон на една продукција е тоа што го работи, филм, анимиран филм или документарен филм, да се прикажува во кино. Иако имаме опција да ги користиме и социјалните мрежи и видеоагрегаторите како „јутјуб“, сепак, реакцијата на децата и родителите во кино е најискрена. Магијата што се пренесува на публиката е онаа вистинската магија, волшепство исполнето со емоции кај децата, но и кај родителите. Родителите се среќни кога гледаат дека и нивните деца се среќни и исполнети, а тоа ни дава нам уште поголема мотивација во иднина да направиме дополнително квалитетна и едукативна анимирана содржина“, соопштија од „Светот на Биби“.
Гласовите на ликовите ги позајмуваат актерите: Слаѓана Вујошевиќ, Сашко Коцев, Никола Ристановски и Сашка Димитровска. Режијата е на Никола Чикос, а главен сценарист е Билјана С. Црвенковска. Анимираниот филм трае 40 минути и ќе биде на програмата на Синеплекс цел декември, па сѐ до 17 јануари.
„’Биби, Боби и една снешкастична Нова година’ е анимиран филм во кој може да се пронајдат сите дечиња и да уживаат во празничната атмосфера со прекрасни песнички, а пораката што сакаме да ја пренесеме е дека семејството е најважно од сѐ, дружењето и поминувањето квалитетно време со децата е клучно за да има хармонија во семејството, особено за празниците“, додаваат од „Светот на Биби“.
Филмот „Биби, Боби и една снешкастична Нова година“ од тронот на најгледан македонски филм за време на премиерата го симна филмот „Трето полувреме“. Инаку, по неколкунеделно прикажување засега најгледани филмови во историјата на „Синеплекс“ кај нас се „Медена земја“ од македонските и „Џокер“ од странските филмови.
„Атмосферата беше супер. Децата беа превозбудени, а поголемиот дел од нив првпат беа во кино и целото искуство за нив беше неверојатно. На сите проекции дечињата едвај седеа на место, играа и пееја заедно со филмот, кој долу пред платното, кој во редот каде што седел. На првите четири проекции дојде и Биби да ги изненади малите во салите. Дечињата ја изгушкаа и ја обиколија“, соопштија од „Синеплекс“.