Филков најави нов Кривичен закон со кој ќе се отстранат штетните последици од измените во 2023-та

Министерот за правда Игор Филков во интервју за Плусинфо соопшти дека Министерството за правда наскоро ќе излезе со кратко законско решение за измени во постоечкиот Кривичен законик, со кое треба да се отстранат штетните последици од законските измени на КЗ од 2023 година.

Министерот за правда Игор Филков во интервју за Плусинфо соопшти дека Министерството за правда наскоро ќе излезе со кратко законско решение за измени во постоечкиот Кривичен законик, со кое треба да се отстранат штетните последици од законските измени на КЗ од 2023 година.

„Дефиницијата на кривичното дело „Злоупотреба на службена положба и овластувања“ е од суштинско значење за функционирањето на правосудниот систем, но, исто така, и за борбата против корупцијата и злоупотребата на јавните функции. Согласен сум дека сегашниот опис на ова кривично дело може да создаде прашања во однос на примената, особено кога станува збор за неговата широкоприменливост и потенцијалoт за злоупотреба во контекст на политички мотивирани постапки.

Она што е клучно е да се обезбеди јасна и прецизна дефиниција, која не само што ќе ја одреди злоупотребата на службената положба, туку и ќе ги минимизира ризиците за нејзината злоупотреба за политички или други неосновани цели. Токму затоа, важно е да се направи разграничување помеѓу реалните кривични дела и нормите кои се користат за да се изврши недозволен притисок врз поединци.

Како решение за ова прашање, Министерството за правда работи на кратко законско решение за измени во Кривичниот законик, со кои треба да се отстранат штетните последици од законските измени на КЗ од 2023 година. Тенденцијата е унапредување на одредбите за законските битија и заострување на казнената политика, преку зголемување на постојните казни за кривичните дела „ злоупотреба на службена положба и овластувања“. Се планира и проширување на опфатот на кривичните дела за проширената конфискација, како и вградување на некои нови кривични дела кои се резултата на современото општество и технологија. Но за тоа многу скоро ке се излезе со целосно оформено законско решение пред Владата на РСМ”, вели Филков.

Во однос на новиот Кривичен законик, Филков очекува тој да биде донесен во 2025 година.

,,Нашата цел е да имаме ефикасен и современ Кривичен законик, кој ќе биде одговор на потребите на општеството и на правосудниот систем. Очекувам новиот Кривичен законик да биде донесен во 2025 година. Тој е преведен на англиски јазик, а се привршува и процесот на подготовка на коресподентните табели, како обврска од билатералниот скрининг за Поглавјето 23.

Новиот Кривичен законик треба да биде усогласен со европските политики во сферата на борбата со организираниот криминал и корупцијата. Целото наше законодавството ќе биде усогласено со важечките директиви и меѓународни конвенции, за што неопходно е обезбедување на позитивно мислење од Европската комисија.

Што се однесува до новините кои би можеле да се очекуваат во Кривичниот законик, тоа ќе бидат промени кои ќе ги модернизираат и унапредат постоечките процедури, како и појаснување и детално регулирање на одредени кривични дела. Едно од клучните прашања е унапредување на санкциите за тежок криминал, особено за економски криминал и корупција, што е во согласност со напорите за борба против корупцијата и организираниот криминал.

Дополнително, има нови кривични дела кои се однесуваат на финансиските кривични дела, вклучувајќи пракса на конфискација на имот стекнат со кривични дела, што ќе придонесе за поголема ефективност на борбата против корупцијата и организираниот криминал.

Исто така, треба да се нагласи дека новиот Кривичен законик ќе биде дизајниран така што ќе се зголеми правната сигурност и ќе се подобри заштитата на човековите права, особено во делот на процесните права на обвинетите и осудените лица”, потенцира министерот за правда, Игор Филков.

Во интервјуто, министерот Филков говори и за црната листа на САД, за реформите во Судскиот совет, затворите, потребата од нов Закон за помилување, борбата против корупцијата.