Филипче ја исклучува можноста за коалиција со ДУИ, ВМРО-ДПМНЕ почнува со процедурата со интерни анкети

Лидерот на СДСМ Венко Филипче вели дека нема да коалицираат со ДУИ и демантира дека имало било какви разговори со оваа партија за локалните избори.

Лидерот на СДСМ Венко Филипче вели дека нема да коалицираат со ДУИ и демантира дека имало било какви разговори со оваа партија за локалните избори.

– Научивме една многу сериозна лекција од коалицирањето со ДУИ. Многу работи ни се удрија од глава и тоа морам да бидам искрен и да го признаеме. Дистанцата е нешто што природно дојде, како барање на членството, но и како чувство и емоција кон коалиција која не беше принципиелна, вели Филипче во интервјуто за „Радио Слободна Европа“.

Вели дека во иднина СДСМ ќе формира само принципиелни коалиции, засновани на взаемна почит и заеднички вредности.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера во изјава за медиумите рече дека на почетокот на февруари ќе ја започнат процедурата со интерни анкети за избор на можни кандидати за градоначалници за претстојните локални избори.

– Се уште не сме почнале со реализирање на анкетите. До сега траеше внатрешно партиската и внатрешно коалициската процедура за номинирање на личности, рече Мицкоски, не откривајќи можни имиња.

Како претседател на партијата и Извршниот комитет, рече Мицкоски, го задржуваме правото да предложиме имиња за кои мислиме дека треба да бидат дел од овој процес на анкетирање, надвор од списокот кој е доставен од општинските комитети.