Филипче: Сиљановска-Давкова да го запре најавеното спојување на АНБ со Агенцијата за разузнавање
Повикот до претседателката на државата, лидерот на СДСМ го упати коментирајќи го назначувањето на новиот директор на АНБ, чија неодамнешна објава на Фејсбук сугерира на заложбите на актуелната влада за спојување на АНБ и Агенцијата за разузнавање во една институција
Назначувањето на Бојан Христовски за нов директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), премиерот Христијан Мицкоски и Владата го направија во диктаторски манир и со киднапирање на една од најсериозните институции во сферата на безбедноста.
Ова денеска го изјави лидерот на СДСМ, Венко Филипче кој, одговарајќи на новинарско прашање на прес-конференција во Собранието, рече дека назначувањето на ваков кадар од страна на актуелната власт не значи ништо друго освен понижување на професионалците што работат во АНБ.
„Ние многу време и инвестиции потрошивме таа институција да се професионализира и првите чекори во таа насока почнаа уште со пржинските преговори и разговори и АНБ стана институција во којашто работат одлични професионалци, за кои назначувањето на ваков кадар не значи ништо друго освен една форма на понижување“, рече Филипче.
Според лидерот на СДСМ, Мицкоски со ваквиот манир потсетува на неговиот партиски претходник (Никола Груевски н.з.), во чие време овие институции се користеа за пресметка со политички неистомисленици и новинари.
„Не може никако поинаку да се толкува ова назначување на оваа навистина чувствителна позиција“, изјави Филипче.
Тој најави дека овој потег на Владата ќе ги известат сите стратешки партнери на државата од кои ќе побараат соодветно мислење и реакција.
Истовремено, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија ја повика претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, да заземе став и да го запре најавеното спојување на АНБ со Агенцијата за разузнавање (АР).
„Да не се откажува од нејзините ингеренции поради тоа што кога веќе има ваква најава за партизација на оваа институција, а тоа значи дополнително зголемување на капацитетите на АНБ кога би се фузионирала според најавите на премиерот со Агенцијата за разузнавање. Тоа ќе биде една многу гломазна институција која тешко ќе се контролира, којашто впрочем видовме во едно минато време до 2016 година за што и како се користеше“, изјави Филипче.
Извор: 360Степени