Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска одржа средба со претставници од Социјалдемократската партија на Шведска, пратеници во шведскиот парламент.
На средбата се разговарало за унапредување на соработката и размената на искуства меѓу двете сестрински партии, со цел зајакнување на демократските вредности и политики преку силна социјалдемократска политичка алтернатива во македонското општество. Членовите на двете сестрински партии оцениле дека социјалдемократските политики се најдоброто решение за современите предизвици во Европа.
На средбата се дискутирало и за актуелната политичка состојба во државата.
Претседателот Филипче изразил загриженост за фактот што актуелната власт сè уште не презентира конкретен план за евроинтеграцискиот процес на државата.
„Откако се случи раздвојувањето од Албанија, од Владата на ВМРО ДПМНЕ нема јасен и конкретен план како ќе продолжи државата да напредува, како ќе продолжи евроинтеграцискиот процес. Како пратеничка група, побаравме и одржување на затворена собраниска седница за да го слушнеме планот на Владата, но и на ова барање сè уште нема одговор. Во моментов државата е заглавена и не гледаме конкретни чекори што понатаму“, рече Филипче.
Претставниците на двете партии потенцираа дека државата мора да продолжи по европскиот пат, секоја друга опција ја става во ризик иднината на државата. Се согласија дека силен СДСМ е неопходен за демократскиот развој и европската интеграција на Северна Македонија.
Претседателот Филипче на состанокот информирал за внатрепартиските реформи и консолидирањето на СДСМ. Потенцирал дека СДСМ ќе продолжи да делува како конструктивна опозиција и ќе ги поддржи политиките кои се во интерес на граѓаните.