
Филипче потврди дека има „златна виза“ за Дубаи, ВМРО-ДПМНЕ прашува како ја добил?
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во вечерашниот подкаст „Политиканти“ изјави дека поседува т.н. „златна виза“ во Обединетите Арапски Емирати, но дека не ја добил поради тоа што има недвижнини или што инвестирал во Дубаи. Тој рече дека визата ја добил откако бил во напреднати преговори за работа со болница во арапската земја, кои сега биле ставени во мирување поради неговиот избор за пратеник и потоа за претседател на СДСМ.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, во вечерашниот подкаст „Политиканти“ изјави дека поседува т.н. „златна виза“ во Обединетите Арапски Емирати, но дека не ја добил поради тоа што има недвижнини или што инвестирал во Дубаи. Тој рече дека визата ја добил откако бил во напреднати преговори за работа со болница во арапската земја, кои сега биле ставени во мирување поради неговиот избор за пратеник и потоа за претседател на СДСМ.
„Златната виза“ во ОАЕ им овозможува на странските државјани долготраен престој во земјата од 10 години без потреба од локален спонзор, како и целосна сопственост врз бизниси на територијата на Обединетите Арапски Емирати. Владината програма е наменета за инвеститори, претприемачи, научници, талентирани професионалци и одлични студенти, овозможувајќи им постојан престој, право на работа и учење, како и можност да ги спонзорираат своите најблиски. Покрај тоа, носителите на „златна виза“ можат слободно да патуваат и да престојуваат надвор од земјата повеќе од шест месеци без да ја загубат визата.
ВМРО-ДПМНЕ реагираа веднаш на изјавата оценувајќи дека само неколку дена откако Венко Филипче изјави дека нема златна виза за Дубаи, истиот тој признава – дека има.
„Граѓаните имаат право да прашаат: Како се добива златна виза за преговори? Зошто визата ја криел? Зошто нема ниту еден доказ за постоење на каква било приватна болница поврзана со него? Во кое својство преговарал – како министер, пратеник, партиски функционер или приватен бизнисмен?
Доколку визата не е заради инвестиции, тогаш за што е? И што точно е ставено на „стенд бај“ – некоја болница или нечија совест? Ова е уште еден доказ дека раководството на СДС се обидува да ги лаже граѓаните, да прикрие бизниси и да бега од одговорност. Додека Филипче „преговарал“ по Дубаи, Македонија тонеше во здравствен хаос, а народот се бореше со маски, страв и недостиг од лекови. Време е СДС и нивните лажни реформатори да одговараат – пред законот и пред народот. Македонија е премногу долго заложник на нивните манипулации и договори под маса“, се вели во соопштението на партијата.
Реално Филипче во изјавата дадена во април не негираше дека има златна виза туку дека нема виза поврзана со инвестиции и недвижнини.
„Немам виза која е поврзана со инвестиции, немам виза која е поврзана со недвижнини, немам илјадници евра, немам сметки. Немам виза која е поврзана со милиони, авиони, камиони. Едноставно имам само виза која што ми овозможува да патувам“, одговори Филипче на прашање на Телма телевизија пред две недели.