„Денес сум тука во поддршка на наставниците и просветните работници кои дојдоа да испратат порака на незадоволство од одлукатa на ВМРО-ДПМНЕ да ја прекине политиката на раст на плати. Владата нема оправдување што наставниците ја започнуваат школската година без покачени плати и би рекол понижени и запоставени од Владата. Мицкоски јасно покажува дека го запоставува образованието, ги запоставува оние кои ни ги учат и воспитуваат децата“ рече лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
Според него, „Оправдувањата дека нема пари во буџетот се неприфатливи. Ако СДСМ беше на власт ќе имаше пари и за покачување на плати и за почитување на сите колективни договори“.
„Никој не верува дека нема пари за покачување на платите на наставниците за 12%. Гледаме дека има пари за нови четири министерства и цела армија партиски вработувања, има пари за луксузирања со скапи авионски карти, има пари измислување на нови директорски места во царина и така натаму. Буџетот има пари, но платите не се приоритет. Ако имаше средства во времето на СДСМ, и тоа во најголемите светски кризи, здравствена, економска, енергетска како нема пари овој септември за да се покачат платите на просветните работници“ порача Филипче.
Апелираше „Владата да се соземе и сфати дека без редовно покачување на платите, во услови кога цените растат и тие не ги контролираат како тоа што го правеше СДСМ, животниот стандард ќе паѓа“.