Венко Филипче – кандидатот на СДСМ и коалицијата и носител на листата во Изборна единица 4 вчера во Кавадарци истакна дека СДСМ во следните четири години има предвидено уште повеќе средства за поддршка и развој на тиквешкиот регион и земјоделието, а платите во сите сектори ќе продолжат да растат.
„Платите ќе продолжат да растат, тоа е одлика на владата предводена од СДСМ, секогаш да вложува во приходите на граѓаните. Платите на општите лекари до крајот на мандатот ќе бидат од 120.000 до 140.000 денари, а на на медицинските сестри од 60.000 до 90.000 денари. Ќе продолжат да растат и платите на специјалистите. Со овој модел на европски плати ќе ги задржиме здравствените работици дома и ќе ги подобриме услугите“ рече тој.
Истакна дека во изминатите 4 години се направени големи вложувања во болницата во Кавадарци, но и во Прилеп каде е донесена магнетна резонанца, а жителите од овој крај веќе не мора да патуваат до Скопје за здравствени услуги.
Филипче се осврна и на приходите и проектите во земјоделството и најави рекордни 1,3 милијарди евра финансиска поддршка за македонското земјоделство.