
Филипче од Тетово: За Мицкоски „ресет на системот“ е да постави свои судии и обвинители
Филипче од Тетово и порача на власта дека таа ја спречува реформата на судскиот систем.
Под мотото „Се бориме за нашиот дом“ предизборната кампања на СДСМ и коалицијата вечерва продолжи со граѓанска трибина во Тетово каде се обрати претседателот на партијата Венко Филипче и носителот на листата со кандидати за советници за Општина Тетово, Живе Алексовски. Филипче од Тетово и порача на власта дека таа ја спречува реформата на судскиот систем.
-Власта е нервозна затоа што е свесна за неуспехот од неподнесувањето на ниту еден закон во Собранието. Оваа власт е свесна за своите неуспеси, и затоа сите се многу нервозни. Од што нема со што да се пофалат, единствено нешто им остануваат се само спиновите. Го слушам Мицкоски на митинзите зборува за некаков „ресет на системот“, а всушност тој е тој што само бара изговори да не ја спроведе вистинска реформата во судството. Од авион се гледа дека оваа влада свесно го кочи реформскиот процес. Единствената цел на премиерот е да поставува свои судии и обвинители затоа ниту еден реформски закон не е поднесен во собранието, рече Филипче.
Во своето обраќање Филипче се осврна на историската улога и вредносниот континуитет на СДСМ, како партија што ги негува темелите на државноста, еднаквоста и борбата за слобода. Тој посочи дека македонскиот народ секогаш бил на вистинската страна на историјата, секогаш знае и умее да се избори за својата иднина, така било во минатото, така ќе биде и во иднина.
-СДСМ е наследник на највозвишениот идеал за Македонија, на борбата за слобода, рамноправност и достоинство. Нашите корени се во АСНОМ, во генерациите што ја поставија темелната вредност – државата да биде дом за сите. И вечерва сме заедно сплотени во желбата за промени, во вредностите што не зближуваат – за Тетово кое ќе обединува, а не да разделува. СДСМ не е само политичка партија, туку вредносно и историско движење кое е длабоко вкоренето во антифашистичката борба, солидарноста и стремежот кон праведно општество, рече Филипче.
Тој им порача на гласачите дека со поддршка на СДСМ може повторно да ја врати нормалноста и да го отвори патот за достоинствен живот во Тетово.
-Денес повеќе од било кога, иднината е во рацете на граѓаните и не смее повеќе да се молчи пред неправдите на Владата на ВМРО-ДПМНЕ. Нашата сила е во единството и само така можеме да направиме промени. Да се избориме за држава која е ничија приватна сопственост, туку заеднички дом со правила што важат за сите. Без силен СДСМ, единствената можност и надеж дека Македонија ќе биде правична, човечна и демократска држава со јасна перспектива напред, едноставно пропаѓа, рече претседателот на СДСМ.
Тој на граѓанската трибина во Тетово, упати критика и за економските и социјалните политики на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, посочувајќи дека младите си заминуваат, како што вели, поради ниски плати, сиромаштија и целосна нефункционалност на институциите.
-Како да го задржиме млад човек тука со плата што не ја покрива ни киријата ни сметките? Каква иднина да градиме, ако човек со полно работно време е сиромашен?, праша Филипче.
Тој кажа дека земјава денес се соочува со највисоки цени за храна во регионот, додека владата наместо вистински антикризни мерки, нуди лажни кампањи и ПР-манипулации со „потрошувачки кошници“.
Граѓанска трибина СДСМ на која ќе се обрати претседателот Филипче вечер ќе се одржи и во Општина Јегуновце.