Филипче од Лозово: Ацо Велковски е човек со дела, победата е на дофат

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска во Лозово оствари средби со граѓаните, при што ја изрази поддршката за кандидатот за градоначалник од СДСМ, Ацо Велковски, оценувајќи го како човек со конкретни дела зад себе.

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, денеска во Лозово оствари средби со граѓаните, при што ја изрази поддршката за кандидатот за градоначалник од СДСМ, Ацо Велковски, оценувајќи го како човек со конкретни дела зад себе кој во мандат од 2017 до 2021 година реализирал значајни проекти.

– Се изгради нова општинска зграда, градинка, реновирано е училиштето, паркот. Во тој период во Лозово имаше визија, имаше напредок и тоа граѓаните го чувствуваат. И затоа е Ацо повторно кандидат за градоначалник, истакна Филипче.

Тој остро го критикуваше актуелниот градоначалник, посочувајќи дека нема реализирано ниту една капитална инвестиција, ниту продолжено со проектите кои останале незавршени од претходниот мандат.

-Нема никаква капитална инвестиција, нема продолжување на близу 50-тина проекти коишто во тоа време остана незавршени. Граѓаните знаат што значи да имаат градоначалник кој работи транспарентно, кој ја унапредува општината и го прави животот попријатен. Лозово треба да биде место за сите, за младите, пензионерите, земјоделците, сите категории на граѓани кои живеат во оваа општина, истакна Филипче.

Тој додаде дека СДСМ во вториот круг добива поддршка од коалициските партнери и од еден од независните кандидати од првиот круг, што, според него, ја прави победата во Лозово на дофат.