
Филипче од Берлин: Благодарност до Шолц за поддршката од Германија за заштита на македонскиот јазик и идентитет
Претседателот на СДСМ рекол дека е уверен оти поддршката од германската СПД ќе продолжи и понатаму, а од Берлин упатил и јасна порака дека СДСМ ќе остане да ги брани државните и националните интереси.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче му се заблагодарил на поранешниот германски канцелар Олаф Шолц за поддршката од Германија за македонскиот јазик и идентитет.
Како што информираат од СДСМ, двајцата се сретнале денеска во Берлин во рамки на Конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД).
– Во името на СДСМ и на сите наши граѓани, Филипче изрази искрена благодарност за силната и принципиелна поддршка што Германија, под водство на Шолц ѝ ја даваше на Македонија во процесот на европска интеграција, но и за континуираната поддршка од Владата и од СПД – сестринската партија на СДСМ за заштита на македонскиот идентитет, се наведува во соопштението.
Филипче изразил благодарност за поддршката, особено за резолуцијата на германскиот Бундестаг во 2023 година, со која што, нагласил била испратена силна порака и поддршка за македонскиот јазик и македонскиот идентитет.
– Тоа беше резултат на државничката политика на СДСМ и соработката со германските социјалдемократи. Погрешните политики на актуелната власт во изминатата година ги загрозија сите овие успеси, додал Филипче.
Претседателот на СДСМ рекол дека е уверен оти поддршката од германската СПД ќе продолжи и понатаму, а од Берлин упатил и јасна порака дека СДСМ ќе остане да ги брани државните и националните интереси.
-Не смее да се дозволи какви било додавки за македонскиот јазик во Извештајот на Европскиот парламент. Јазикот и идентитетот не биле и не смеат да бидат предмет на додавки. Во сите документи на Европската Унија, македонскиот јазик е јасно потврден, рекол Филипче, стои во соопштението.
Филипче, кој во Берлин, присуствува на Конгресот на германската Социјалдемократска партија (СПД), порача дека на планираните билатерални средби со претставници на социјадемократските партии во Европа, ќе го пренесе ставот на СДСМ за извештајот на Европскиот Парламент за Северна Македонија. Меѓу повеќето билатерални средби со високи претставници на социјалдемократските партии во Европа, тој како клучната ја издвојува средбата со актуелниот вицеканцелар на Германија и сојузен министер за финансии, Ларс Клингбајл, кој воедно е и ко-претседател на СПД, сестринската партија од Германија.
-СДСМ во минатото, со мудра дипломатија, успеа да ги отфрли сите обиди за какви било одредници на идентитетот и јазикот во преговорите и извештаите. СДСМ обезбеди македонскиот јазик и идентитет во ЕУ да бидат чисти, признати и без никакви додавки. Ова беа нашите црвени линии од кои никогаш не отстапивме. По само една година од власта на ВМРО-ДПМНЕ, оваа позиција е нарушена. Се појавува сериозен ризик за носење извештај во кој јазикот ќе биде со додавка „современ“, а ние тоа не смее да го дозволиме. Тоа Владата не смее да го дозволи, и меѓу другото, сметаме дека е резултат и на погрешната надворешна политика во целата измината година, вели Филипче.
Тој посочува во изјавата дека на денешните средби ќе ги пренесе ставовите на СДСМ и ќе ги брани позициите на Македонија, а тоа е дека Извештај со амандман за додавка „современ“ пред јазикот не смее да помине.
-СДСМ од почетокот силно лобира и се бори амандманот за јазикот и идентитетот да не бидат дел од извештајот, и во следните две недели ќе дадеме максимални напори да го повториме успехот од претходните години кога ваквите обиди успешно ги сопревме. Јазикот и идентитетот не биле и никогаш не смеат да бидат предмет на допрецизирање. Тие се јасно дефинирани во сите документи на Европската Унија, а македонскиот јазик е веќе еден од јазиците во Унијата – чист, без додавки – и ова мора да остане така, потенцира тој.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ се претставува како партија силен заштитник на идентитетските прашања, но, вели, не гледа дека на дело тоа го покажуваат и посочува дека, Владата оваа битка мора да ја постави како приоритет.
-Времето е кратко и потребни се заеднички, максимални напори да го отфрлиме амандманот, за кој од ден во ден има сè поголем ризик да се донесе. И сакам од тука, од Берлин, да потенцирам уште една работа – дека стоиме целосно отворени и спремни за соработка со ВМРО-ДПМНЕ, да ги обединиме силите и конечно заеднички да укажеме и јасно да покажеме кои се црвените линии за Македонија, наведува претседателот на СДСМ Филипче.