Филипче: Новото нормално е потежок живот на граѓаните и надворешна политика без компас

„Последните одлуки и гласањето во Обединетите нации јасно покажаа дека Владата ја води надворешната политика целосно без компас, импулсивно и надвор од јасно утврдените стратешки приoритети“, истакна претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче, на денешната прес-конференција, посочи дека економската неизвесност станува се поголема, граѓаните ги чувствуваат погрешните економски политики на Владата. Трошоците за живот континуирано растат, платите стагнираат, а Владата нема решенија за заштита на животниот стандард на граѓаните, ниту ги прифаќа предлозите на СДСМ.

„Трошоците на живот во јануари 2025 се зголемени за 4,9%, а индексот на цени на мало пораснал за 5,2%. Потрошувачката кошница во февруари 2025 достигна 63.773 денари. За да преживее едно семејство, денес му се потребни речиси три минимални плати. Пазете, во време на СДСМ беа потребни две минимални плати. Владата не презема никакви мерки, премногу е суетна да прифати ништо од СДСМ и затоа граѓаните страдаат. Ако утре, почитувани граѓани, ви се високи сметките, тоа е затоа што Владата едноставно нема желба и намера да го реши тој проблем, а решенијата и се дадени на маса“, рече Филипче.

При тоа, Филипче посочи дека додека граѓаните се борат како да го преживеат месецот, власта го кочи растот на минималната плата.

„Платите стагнираат. Покачувањето на минималната плата е под знак прашалник, бидејќи Владата го блокира функционирањето на Економско-социјалниот совет. Работниците и синдикатите бараат минимална плата од 450-500 евра, но Владата молчи. Социјалниот дијалог е целосно уништен. Работниците се оставени без сигурност, а економската неизвесност станува сè поголема. И за ова СДСМ има подготвено решение и ќе го достави во Собранието со закон за минимална плата. Решение кое Владата може веднаш да го прифати“, рече Филипче.

Состојбата како што рече Филипче е крајно сериозна, Владата не се грижи ниту има волја да прифати закони и предлози со кои граѓаните ќе живеате полесно, а трошоците за живот ќе намалат. Тој потенцираше дека СДСМ ќе продолжи да предлага закони и мерки во интерес на граѓаните и дека по овие бројки Владата конечно ќе прифати дека едноставно нема капацитет да се носи со економските предизвици.

Конфузна, импровизирана и без компас. Вака Претседателот на СДСМ, Венко Филипче ја оцени надворешната политика што Владата ја води по последните случувања во Обединетите нации поврзани со резолуциите за Украина.

На денешната прес-конференција, Филипче истакна дека Владата го напушта курсот на Европската Унија и нејзините земји членки и со нејзиното неконзистентно однесување во надворешната политика делува како залутан играч на меѓународната сцена.

„Додека поголемите европски држави тактички балансираат помеѓу глобалните сили, Северна Македонија со својата недоследност ризикува да биде маргинализирана од европските политички кругови“, смета Филипче.

Доказ за тоа, вели Филипче, е воздржаното гласање за европската резолуција за Украина, со кое нашата земја се стави во несоодветно друштво, заедно со Гана, Бангладеш и Замбија, додека сите наши соседи гласаа „за“. Филипче упати и директно прашање до Владата: Што бара Северна Македонија во оваа група?

„Дали сме европска земја или сакаме да останеме во некоја геополитичка изолација? Со овие хаотични и неразбирливи одлуки, Северна Македонија испраќа порака дека нејзината надворешна политика е импровизација. Во глобалната политика, каде секој потег има значење, ваквата неодговорност не останува незабележана“, потенцира Филипче.

Дополнително, според Претседателот на СДСМ, конфузна е одлуката на Владата да ја коспонзорира резолуцијата предложена од Соединетите Американски Држави, а потоа да гласа воздржано. Ваквите потези, донесени врз основа на лични проценки на премиерот Христијан Мицкоски, покажуваат дека земјава нема стратегија и дека надворешната политика се води со импровизации, потенцира Филипче.

„Европската и резолуцијата на САД не се косат една со друга, тие се надополнуваат. Франција, Германија, Италија и многу други европски земји гласаа „за“ американската резолуција. Ако веќе сме биле коспонзори, зошто не сме гласале за неа? Ако сме целосно усогласени со европската надворешна политика, како што тврди Мицкоски, зошто гласавме спротивно од сите европски земји? Гласањето за двете резолуции ќе значеше јасен став дека поддржуваме постигнување на мир во Украина за што пократко време“, вели Филипче и додава дека наместо јасен став по овие прашања добивме одговор дека премиерот така одлучил.

Според Филипче, многу помудро ќе беше земјава да даде поддршка и да гласа „за“ двете резолуции со што ќе испратеше порака дека има принципиелна и стабилна позиција којашто значи поддршка и кон Европската Унија и кон Соединетите Американски Држави.