Филипче: Некој има интерес од влошување на ситуацијата

Филипче смета дека во Македонија е во тек воспоставување на режим побрутален и од тој на Никола Груевски.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервју за емисијата „360 степени“ предупреди дека одбивањето на иницијативата за лидерска средба ќе испрати опасна порака – дека некои политички фактори можеби имаат интерес од продолжување на тензиите.

Тој повика на итен политички дијалог за да се надмине тековната криза и да се спречи нејзина ескалација.

„Повторно ќе кажам, не гледам причина зошто некој не би учествувал на таква лидерска средба. Сериозна е ситуацијата, а се остава сомнеж дека некој има интерес од вакво влошување. Ако некој ја одбие таа средба, ќе сметам дека апсолутно има причина да се надева дека тензиите можат да донесат некаков политички бенефит“, истакна претседателот на СДСМ.

Филипче објасни дека во вакви критични моменти лидерите на најголемите политички партии мора да покажат зрелост и да ја стават добросостојбата на граѓаните и на државата пред сите други интереси. Тој ја истакна важноста на лидерската средба како единствено решение кое може да ја смири наелектризираната атмосфера и да испрати јасна порака до јавноста.

„Само од еден таков медиум, како лидерска средба, граѓаните може да сфатат и разберат и вистински да ја примат пораката дека навистина ситуацијата треба да се смири. Инаку, ризикуваме таа сериозно да ескалира“, истакна претседателот на СДСМ.

Филипче го повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, лидерот на ДУИ, Али Ахмети и другите политички лидери да ја поддржат оваа иницијатива, подвлекувајќи дека одбивањето на учеството само ќе го засили сомнежот за политичка калкулација.

За СДСМ, стабилноста и мирот се највисок приоритет, потенцира Филипче и повика на заедничка одговорност за зачувување на соживотот и иднината на земјата. Секое одбивање на оваа иницијатива би било чин на неодговорност и индиректна потврда на интерес од продолжување на кризата, смета претседателот на СДСМ.

Тој смета дека во Македонија е во тек воспоставување на режим побрутален и од тој на Никола Груевски.

„Имаме многу сериозен процес на воведување на режим, дури и побрутален од тој што го правеше Никола Груевски. Гледајте каков е ставот на премиерот, каков е неговиот став кон судството. Единствен премиер во демократската држава којшто се заканува и мафта со лисици од собраниска говорница е Христијан Мицкоски, тоа го нема во ниту една развиена земја“, изјави претседателот на СДСМ, Венко Филипче во емисијата „360 степени“.

Тој додаде дека се случува вистинска партизација во државата на сите нивоа.

„Се менуваат закони за да се спојат комисии, второстепените комисии се сега споени, тоа е комисија којашто ја бира Собранието и во којашто поранешните членови имаа мандат, а ВМРО-ДПМНЕ не знаеше како освен да смени закон и тие да се укинат, да се формира ново тело. Брутална партизација се случува и во структурите на безбедноста“  рече Филипче.

Тој додаде дека се бркаат луѓе од работа, се поставуваат партиски луѓе на клучни институции, а бруталната партизација се гледа и од информациите дека факултетската диплома на новоназначениот директор на АНБ, Бојан Христовски не е соодветна.

„Значи, можно е  да не ги исполнува условите и да биде на таа позиција“ истакна Филипче.

Тој додаде дека дури и  комисијата за граѓански надзор на следење на комуникациите во Собранието сега ја сочинуваат луѓе со партиски книшки на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој проговори и за селективната правда на ВМРО-ДПМНЕ.

„Секојдневно слушаме закани од премиерот дека се прават анализи, но никаде не се спомнуваат градоначалниците кои речиси четири години се на власт, туку заканите се упатени кон припадници на другите политички партии“, одговори Филипче околу прашањето дали има страв кај поранешни функционери од кривично гонење.

„Да се анализира работата само на припадници на една политичка партија, тоа е строга партиска политичка селективност. И веќе навлегува во фаза на политички прогон, на најава за политички прогон. Се прават комисии во различни министерства, и од внатрешни и од надворешни луѓе, за коишто имам информации дека ништо не можат да најдат. Се анализираат постапки, се анализираат тендери, се најавуваше некаков епски криминал… сè заврши со некои потрошени 200 евра од картичка поради изгубен багаж коишто после се вратени во буџетот. Така што, мислам дека Христијан Мицкоски прави опасна, иницира опасна тенденција“, коментира Филипче.

На забелешката дека по промената на власта во 2017 година, Владата предводена од СДСМ и ДУИ, исто така, влезе во проверка на тоа како работеле претходните функционери, како и дека за таа влада се појавија случаи за потенцијална корупција и криминал, кои останаа без институционален одговор, Филипче вели:

„Да не ме разберете погрешно. Aпсолутно да се истражи сè што е сомнително и да одговара секој што го прекршил законот. Меѓутоа, најави и упад во судството на овој начин на којшто сега Владата го прави, со тенденција да се влијае на работата на независни судски и обвинителски органи, според мене, е најава само за партизација на судството. Имаше најава дека ќе се прават реформи, ние имаме пат по којшто реформите во правосудството треба да одат, а се резултат на Оценската мисија на Европската Унија. Тие забелешки се влезени во Реформската агенда, во Планот за раст и тоа е патот по којшто ние треба да одиме за да се реформира правосудството“, рече Филипче.

Според него, СДСМ ќе поддржи секаква реформа во правосудството во којашто ќе бидат вклучени странски чинители коишто учествувале во различни реформски процеси, инвестиција во едукација на луѓе што работат во правосудството и слично. Воедно, тој ги негира тврдењата на ВМРО-ДПМНЕ, која низ неколку прес-конференции обвини дека Филипче пријавил повеќе имот сега како пратеник отколку како министер.

„Единствена разлика  е начинот на којшто имотот се пријавува во Државната комисија за спречување на корупција. Три станбени единици по новиот начин на пријавување, исто како што би биле и тогаш во тој период, се пет или шест имотни листови. За тоа станува збор. За некои заеднички простории согласно катастарските правила. Вкупната квадратура којашто е пријавена како мој личен имот е идентична. И јас тука немам што да кријам, го соопштив тоа во јавноста и ќе очекувам тоа да го соопшти и ДКСК.“

На прашањето зошто во анкетниот лист нема пријавено автомобил каков што вози, тој одговори дека возел различни автомобили за време на изборите, дека сега не поседува свој зашто го продал, па користи службено партиско возило. На дополнителното прашање – дали  вози „ауди кју осум“, тој одговори – не.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во интервјуто отворено призна дека коалицијата со ДУИ во изминатите години сериозно ја оштети позицијата на СДСМ. Тој ја потенцираше дека вредностите ќе бидат најважна основа за идните коалиции, нагласувајќи дека ваквите грешки нема да се повторат.

„Бевме сервилни кон нашите коалициски партнери, а тие ја злоупотребија нашата широчина. Не вреди да се остане во Влада или да се одржи Владата некој период подолго, а притоа сериозно да биде оштетена нашата позиција“, рече Филипче.

Тој ја објасни оваа позиција како дел од научените лекции од минатото, кои веќе се имплементирани во новиот пристап на партијата.

„Да, ДУИ на некој начин ја трошеше и во значаен дел ја потроши СДСМ како дел од власта. Тоа не е само моја констатација, туку е дел од многу сериозна анализа која што ја направивме“, изјави претседателот на СДСМ.

Филипче истакна дека партијата повеќе нема да прави компромиси кои би ја загрозиле нејзината иднина и принципите што ги застапува. Вредностите и интересите на граѓаните ќе бидат основата за секоја идна коалиција.

„Секоја идна коалиција ќе ја градиме врз основа на вредносните политики. Вакви компромиси, кои сериозно го оштетија нашиот интегритет, нема да се повторат“, нагласи тој.

СДСМ останува посветена на зајакнување на својата позиција како прогресивна партија која ќе ја предводи Македонија со политики засновани на транспарентност, отчетност и вистинска грижа за интересите на граѓаните, потенцира Филипче.