Филипче: Мицкоски мора да каже кој е планот за откочување на ЕУ интеграциите
Нека каже премиерот кој е планот за евроинтегративниот пат на државата, кои европските држави го поддржуваат тој план и ако тој план ги подобрува нашите преговарачки позиции, ние ќе го поддржиме, но прашање е до кога ќе чекаме. Треба да знаеме кој е планот и временската рамка по ова прашање, изјави лидерот на СДСМ Венко Филипче.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче во „Тема на денот“ во вестите на Сител изрази загриженост за промените во ставовите на ВМРО-ДПМНЕ и нивниот лидер Христијан Мицковски во врска со Преспанскиот договор, како и за влошувањето на односите со Бугарија и Грција. Филипче посочи дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ја заглави Македонија на патот кон Европската Унија. Повика премиерот Христијан Мицкоски да го каже планот за напредок на државата, кој доколку е поддржан и остварлив, ќе добие поддршка и од СДСМ.
Филипче истакна дека во предизборната кампања, ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се противеа на Преспанскиот договор, но сега гордо го користат името „Северна Македонија“ и го посочуваат Договорот како пример за успешна дипломатија.
„Прво и Христијан Мицковски и ВМРО-ДПМНЕ целокупната кампања којашто ја водеа пред изборите, а би рекол премиерот и политичката кариера дел ја должи на Преспанскиот договор. Тој беше против него ќе го укинуваше. Ќе стоеше на браникот на државата никогаш немаше да каже и тој и претседателската Силјановска „Северна Македонија“ и сега гледаме дека гордо кажуваат Северна Македонија. Премиерот кажува дека Преспанскиот договор бил добар пример за преговорите со ЕУ и прашањето со Бугарија“ – рече претседателот на СДСМ во „Тема на денот“ на Сител.
Претседателот Филипче посочи дека со ваквите ставови се доведува во прашање легитимитетот и кредибилитетот на Мицкоски како политичар.
„Ова поставува дилема за легитимитетот на нивните изјави и кредибилитетот како политичари. Дали навистина ја информираа јавноста објективно за своите намери? Владата мора да објави план за напредок, а премиерот да каже кои земји членки на ЕУ го поддржуваат тој план. Ако тој план е во согласност со нашите интереси, ќе го прифатиме“ рече Филипче.
Според него, времето за делување е ограничено и земјата треба интензивно да работи на своите преговарачки позиции, особено со оглед на плановите за проширување на ЕУ до 2030 година. Тој апелираше до Владата да ги сподели деталите за својот план и временската рамка.
„Веќе се случи одвојувањето, а ако имаме предвид дека до 2030 година веќе се планира една група на земји на Западниот Балкан да влезе во ЕУ тоа значи дека ние до крајот на оваа година во текот на 2025 треба интензивно да работиме. Во Црна Гора ги отворија веќе завршните „бенџ маркови“ за поглавјата за правосудство што значи дека тие постепено го затвораат процесот на преговори. Еве Албанија веќе оди напред требаше да бидеме заедно не сме треба да знаеме каков е планот и која е временската рамка на Владата по ова прашање“- рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
Филипче: По мојот избор за претседател на СДСМ, партијата забележа прекин на падот на рејтингот и започна „значајна консолидација“
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, најави дека на почетокот на следниот месец партијата ќе добие нов состав на Централниот одбор (ЦО) од којшто ќе потекнува и целокупното партиско раководство. Изборот на новиот ЦО на СДСМ, како што рече Филипче во вечерашното интервју за ТВ Сител, ќе се случи на состанокот на Конгресот на почетокот на ноември, откако претходно ќе бидат избрани и новите конгресни делегати.
„Секојдневно имам средби со многу луѓе од општинските организации во државата. Ги започнавме веднаш и формалните процеси за да се постави партиското раководство, односно изборните конференции по општинските организации за да се изберат нови делегати на Конгресот и да се предложат нови членови на ЦО. Тие општински конференции завршуваат оваа недела и со новоизбраните конгресни делегати ќе го организираме новиот состав на Конгресот на почетокот на ноември на кој треба да се избере новиот ЦО на партијата од којшто ќе потекнува и целокупното ново партиско раководство“, изјави Филипче во интервјуто за ТВ Сител.
Лидерот на СДСМ додава оти е задоволен од временската динамика во којашто се одвива целиот процес на избор на ново партиско раководство бидејќи во меѓувреме сакал да се сретне со што повеќе членови на партијата и да ги вклучи во процесот на носење и градење на политиките.
„Одличен е фидбекот, членовите веќе се враќаат кон партијата и има една значајна консолидација. Така што, покрај формалните процеси, да се слушне гласот на секој еден член е еден многу значаен сегмент којшто ќе ја зајакне партијата“,додаде Филипче.
Според Филипче, по неговиот избор за претседател на Социјалдеморкатскиот сојуз на Македонија, партијата забележала прекин на падот на рејтингот и започнала „значајна консолидација“.
Владата на ВМРО ДПМНЕ не води сметка за стандардот на граѓаните
Филипче посочи дека граѓаните во пресрет на зимата повторно ќе се соочат со ценовни шокови и помалку пари во семејниот буџет, а Владата не води сметка за стандардот на граѓаните.
Во интервјуто, Филипче потенцираше дека во време на Владата на СДСМ, преку низа мерки и во услови на тешки кризи се водеше грижа да не се намали стандардот на граѓаните и да се одржи ликвидноста на компаниите.
„Освен растот на платите во време на такви кризи и во време на таква инфлација, се дадоа огромен број на мерки како поддршка и кон компаниите, за да се одржи бизнисот и за да се задржат работните места. Тоа системски се правеше со цел да се зголеми стандардот на граѓаните. Сега падот на просечната плата за прв пат после седум години не е врзан со инфлацијата, врзан е со тоа што не води сметка Владата да го зголемува стандардот на граѓаните“, рече Филипче.
При тоа, Филипче посочи дека мерката на Владата за намалување на цените, очигледно не дава ефект, за што потврда е и ставот на министерката за финансии која изјави дека конкретната мерка не е добра. Ваквите неусогласени и различни ставови на премиерот и неговите министри, како што рече Филипче се доказ дека Владата не е координирана и нема јасен план како да го заштити стандардот на граѓаните, кои на прагот на зимата ќе се соочат и со помалку пари и со ценовни шокови.
„И покрај ветувањата дека ќе има зголемување на плати, ние гледаме денеска пример во кој што на просветните работници платата им се зголемува за само 5%, а требаше да биде 12% согласно нашиот план и колективните договори. Министерката за финансии вчера излегува и кажува дека не треба да се зголемат платите на здравствените работници, односно на лекарите, доволно им биле зголемени во изминатиот период. Ние просечната плата во најголемите кризи ја зголемивме, скоро е дуплирана и тоа во голема инфлација, во кризи како Ковид кризата и економско-енергетската криза“, потенцираше претседателот на СДСМ, Венко Филипче.