
Филипче: Мицкоски измислува сценарија за хаос затоа што нема резултати
Откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на партискиот отчет изјави дека „ДУИ и СДСМ имаат таен план координиран меѓу нив – сценарио за хаос, за политичка магла и за манипулација“, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска му одговори дека тој самиот создава сценарија за хаос затоа што владата по 14 месеци не може да испорача резултати.
Откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ на партискиот отчет изјави дека „ДУИ и СДСМ имаат таен план координиран меѓу нив – сценарио за хаос, за политичка магла и за манипулација“, претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска му одговори дека тој самиот создава сценарија за хаос затоа што владата по 14 месеци не може да испорача резултати.
Осврнувајќи се на зборовите на Мицкоски дека со „инфлација од независни кандидатури и фантомски листи сакаат намерно да го урнат изборниот процес, да го збунат гласачот, да ја изиграат демократијата“, Филипче во изјава за Телма рече дека премиерот ја изместува реалноста затоа што нема капацитет да ја води државата.
„Иако пред повеќе месеци Уставниот суд ја донесе одлуката и го укина членот од изборниот закон за процентот на потребни потписи за кандидатура на независни листи, власта чекаше до последниот момент да даде предлог на закон откако изборите беа распишани. За жал, не направија ништо ниту да се обидат тој закон за помине во Собранието, не дојдоа сите пратеници од коалицијата ‘Вреди’. Не се ни обидоа да го обезбедат бадентеровото мнозинство, иако ние како СДСМ дадовме поддршка за тој процес. Го поддржавме и предлогот да се намали процентот на 0,5 отсто во интерес на тоа граѓаните да ја изразат својата волја преку независните листи и во еден јасно структуриран процес тие да ги дадат своите кандидати. За жал, власта целосно потфрли“, рече Филипче.
Тој додаде дека власта свесно ги отвора вратите за изборни неправилности, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ губел голем број гласови.
„Сметам дека тоа е намерно. Во услови кога е сѐ поочигледно и повеќе извори, повеќе анкети, повеќе анализи ни покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ губи огромен број гласови, над 100 илјади, некаде околу 120 илјади гласови, посегаат по инструменти коишто сериозно можат да го загрозат изборниот процес, аспектот на демократијата во целокупниот процес“, рече Филипче.
Според него, изјавата на премиерот Христијан Мицкоски според која и една година од формирањето на новата влада за главни виновници во државата се посочуваат СДСМ и ДУИ ја покажува целата неспособност на владата.