
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во „Само интервју“ на Канал 5 телевизија остро реагираше на „сериозната партизација на судството и обвинителството“.
„Власта тргна во сериозна партизација на судството, обвинителството и тоа не е нешто што е ново. Тоа е пракса којашто како модел на владеење ја имплементираа во времето на Никола Груевски, од 2006 до 2016 година. Тотална партизација на државата, партиски контролирано судство, судии и обвинители од тефтерчињата“, рече Филипче.
Тој потенцираше дека јавноста веќе гледа конкретни примери на таквото однесување.
„Еве гледаме како се поставуваат судии и обвинители, роднини на високи функционери на ВМРО-ДПМНЕ, гледаме како не реагираат за скандалите коишто ние ги објавуваме секојдневно. Еве имаме кандидат за уставен судија советник на премиерот. Па, ако тоа не е мешање во правосудството што е?“, рече Филипче.
Дополнително укажа на однесувањето на премиерот.
„Вистинското прашање е зошто нема одговори од институциите? Тоа е вистинското прашање. Зошто премиерот глуми истражител, и полицаец, и судија, обвинител и оди се слика и открива тајни локации којшто ги користи Министерството за внатрешни работи и за други работи од стратешко значење за безбедноста на државата“, порача Филипче.