
Во рамки на посетата на Загреб, претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче и претседателот на СДП Хрватска, Синиша Хајдаш Дончиќ потпишале Меморандум за соработка меѓу двете партии.
Со потпишувањето на Меморандумот, како што посочуваат од партијата, СДСМ и СДП Хрватска ја потврдуваат заедничката посветеност на вредностите и принципите на европската социјалдемократија, како и определбата за продлабочување на соработката меѓу прогресивните политички сили во Европа.
Целта на Меморандумот, како што се наведува во соопштението на СДСМ, е зајакнување и унапредување на меѓупартиската соработка преку размена на искуства, политички решенија и заеднички придонес за развој на демократијата и социјален напредок.

-Како клучни цели и задачи кои произлегуваат од Меморандумот, се зајакнување на демократските институции и инклузивната демократска култура, промовирање на социјалната правда, солидарноста, еднаквоста и човечкото достоинство, како и поддршка на работничките права, социјалниот дијалог и модернизацијата на социјалните политики, посочуваат од опозициска СДСМ.
Меморандумот, посочуваат од СДСМ, предвидува соработка и размена на искуства во повеќе области, меѓу кои партиска организација и развој, креирање јавни политики, социјална и економска политика, политики за работнички права, учество на младите и жените во политиката, локално управување, зелена транзиција, како и соработка во процесот на европска интеграција и регионална стабилност.
-Соработката ќе се реализира преку конкретни активности како заеднички работни групи, конференции и тематски дебати, обуки, размена на експерти и редовни консултации меѓу партиските раководства. Со потпишувањето на Меморандумот, СДСМ и СДП Хрватска ја зајакнуваат меѓупартиската соработка и ја потврдуваат заедничката заложба за демократска, социјално – праведна и европска иднина, се наведува во соопштението на СДСМ.