Филипче за намаленото ДДВ: Мерките на Владата се фрлање магла

По пресот на премиерот Христијан Мицкоски, на кој најави мерки за ублажување на последиците од ценовниот скок на горивата и ја обзнани владината одлука за намалување на ДДВ-то за горивата, со реакција се јави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој рече дека мерките на Владата се фрлање магла и замајување на граѓаните.

По пресот на премиерот Христијан Мицкоски, на кој најави мерки за ублажување на последиците од ценовниот скок на горивата и ја обзнани владината одлука за намалување на ДДВ-то за горивата, со реакција се јави лидерот на СДСМ, Венко Филипче, кој рече дека мерките на Владата се фрлање магла и замајување на граѓаните.

„Од мерката утре нема ништо да видиме. Ќе има нова пресметка на цената. Други земји забранија точење гориво на странци на пограничните пумпи. Сега пари од Буџетот одат за граѓаните од соседните земји. Ова не се економски политики. Премиерот не треба да ги повикува граѓаните од странство да доаѓаат да точат гориво во Македонија”, рече Филипче.

Мицкоски на прес конференција обвини дека претходната Влада молела на колена за донација од вакцини во ковид-кризата. Филипче му порача дека тогаш цел свет имал проблем.

„Христијане, ние не клечевме на колена како тебе молејќи за власт и ветувајќи дека ќе го вратиш името”, рече Филипче.

Според него, Владата на премиерот Мицкоски единствено што следи е како тоне стандардот на граѓаните, без притоа да се преземат реални мерки за намалување на цените на горивата и на храната. Филипче посочи дека власта не презема суштински мерки за справување со растот на цените во услови кога граѓаните ќе немаат пари да се прехранат.

„Денеска нема други мерки, следела владата будно. Што следи? Како тоне стандардот на граѓаните? Тоа ли следи премиерот? Очигледно е дека оваа влада намерно избегнува суштински мерки како што се намалување на акцизите на ДДВ-то, нешто што навистина може да даде реално поевтинување на цените на горивата, како и намалувањето на ДДВ-то на храната“, рече Филипче.

Тој додаде дека во оваа кризна состојба единствено со мерките што ги предложи СДСМ ќе се заштити животниот стандард, а граѓаните реално ќе почуствуваат намалување на цените на горивата и на храната.

„Само со мерката за укинување на ДДВ на храната ќе поевтинат околу 250 производи, а граѓаните ќе заштедат над 2.000. Тоа се вистински мерки и затоа владата мора апсолутно веднаш овие мерките ги прифати и потоа да подготви и пакети за помош на ранливите категории. Три недели ги остави граѓаните сами. Наместо навремена реакција, дозволи цените на горивата да ја активираат спиралата на раст на цените на сите производи, најмногу на храната“, рече Филипче.

Воедно, Филипче посочи дека се потребни и долгорочни решенија за стабилизирање на цените и конкретна поддршка за најранливите категории и за земјоделците.

„Суштинските решенија мора да опфатат и мерки за долгорочно намалување на цените на храната комбинирано и со акцизите на цените на горивата. Луѓето немаат пари да ги прехранат семејствата. Дополнително треба да се подготват пакети со помош за најранливите категории на граѓани, како и пакети за помош и на земјоделците“, рече Филипче.