
Филипче за една година влада на ВМРО-ДПМНЕ: Македонија не е горда, таа е понижена
Понижени се работниците, земјоделците, понижени се младите кои се надеваа на своја иднина дома, рече Филипче додавајќи дека една година беше повеќе од доволно време за да се види дека ВМРО-ДПМНЕ дошле на власт со една голема лага.
Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, денеска на партиска трибина посветена на една година од владеењето на коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ оцени дека ова не е промената која граѓаните ја бараа, дека економијата тоне, а наместо да ја направат земјата горда како што ветуваа, Македонија денес е понижена. Граѓаните живеат се потешко, со најниски плати во Европа, спречен е растот на примањата, задолжувањето незапирливо расте, а во однос на безбедноста, рече дека секому му е јасно дали денес е подобро или не е. На партискста трибина на СДСМ, инаку се дебатираше на пет панели, посветени на разни области, како економијата, образованието, безбедноста, домашната и надворешната политика…
Општа оцена е дека Владата манипулира и лаже за нејзините резултати, како и дека реалноста покажува дека се живее се потешко.
„Денеска една година од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ, вистината е болна, но мора јасно и недвосмислено да се каже, Македонија не е горда, Македонија е понижена. Понижени се работниците, земјоделците, понижени се младите кои се надеваа на своја иднина дома“, рече Филипче додавајќи дека една година беше повеќе од доволно време за да се види дека ВМРО-ДПМНЕ дошле на власт со една голема лага.
„И денес граѓаните тоа јасно го гледаат и се повеќе за тоа зборуваат. Вистината е болна, а таа е дека добивме влада, иста таква што граѓаните со револуција еднаш сменија. Влада која манипулира и лаже, а реалноста е тешка и неподнослива“, рече Филипче, нагласувајќи дека ова не е промената која што граѓаните ја бараат.
Она што најмногу тежи, според лидерот на СДСМ, е неподносливата економска состојба и тешкото живеење.
Во таа насока тој посочи дека владината коалиција ја втурнала државата во економска криза, го закочи растот на платите и ги остави трговците и моќниците „да прават што сакаат со цените“.
„Секојдневно не убедуваат дека имаме силен економски раст, но реалните бројки се брутални, инфлацијата е речиси 4,5 проценти, а растот скромни 2,6 проценти. За прв пат имаме негативен економски резултат, полош и од воената 2001 година“, рече Филипче.
Според него, граѓаните живеат на работ на достоинството, додека функционерите на Мицкоски и тој самиот се расфрлаат со луксуз, приватни авиони, скапа храна и хотели од соништата.
„Она што најмногу боли е леснотијата со која што владата не убедува дека се живее добро, дека живееме во земја економски тигар која е четврта во Европа, дека младите се добри, дека куповната моќ е голема, поголема од европските земји. Но, реалноста е соема друга, платите се најниски во Европа, и по седум години престанаа да растат. Животниот стандард е најлош во Европа, ова не го тврди СДСМ, ова се статистички податоци од најреномирани европски институции“, рече Филипче.
Тој посебно се осврна на тренбдот на зголемување на задолженоста, нагласувајќи дека за само една годона, власта успеа да ја задолжи државата со седум милијарди евра. Посебно нагласи дека тоа се прави од приватни банки во аранжмани направени во четири очи, без никакви критериуми, без никакви гаранции како ќе бидат трошени парите и кој тоа ќе го контролира, пари кои сите граѓани треба да ги враќаат.
Покрај ова, на овие седум милијарди евра, е најавено и ново задолжување од 700 милиони евра за нова евроообврзница.
„За една година речиси осум милијарди евра нов долг“, рече Филипче, додавајќи дека Македонија во 35 години постоење како модерна држава, нема направено таков долг како што ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ направиле за една година.
Во однос на земјоделците, Филипче рече дека и пкрај големите ветувања, наместо грижа, целосно биле срозени, какои дека не биле исплатени субвенциите, а онаму каде што се исплаќале, биле намалени.
„Во нивните предизборни програми ветуваа дека ќе ги зголемат за 180 милиони евра. Не само што не ги зголемија, туку вкупниот износ на субвенциите е намален за 50 милиони евра кој едвај ги исплатија пред неколку дена. Повторно не за сите земјоделци“, рече Филипче, посочувајќи дека биле намалени субвенциите во сточарството за 50 проценти, а нема за оризо производителите кои за прв пат оваа сезона немаат пласман. Тутунопроизводителите, пак, останале без вода за наводнување, а родот се суши.
„Земјоделието за една годона е целосно девастирано, вратено на ниво како пред десет години“, оцени Филипче.
Во однос на безбедноста тој рече дека јасно му е на секој граѓанин дали е сега подобро или не е.
„За една година на оваа власт ни се случи најголемата трагедија во модерната историја на државата. Трагедија која можела да биде спречена доколку полицијата редовно и чесно си ја вршела работата. За жал, полиција сега по една година е претворена во партиска војска на Мицкоски и неговата партија“, рече Филипче.
Тој додаде дека општиот криминалитет е зголемен речиси за половина, како и дека секојдневно гледаме убиства, пукања, трагични сообраќајни несреќи.
„Безбедноста на граѓаните е загрозена како никогаш до сега“, рече Филипче, додавајќи дека за тоа време МВР се занимава со набавки на униформи од фантомски фирми, набавка на нови возила, нови системи за прислушување, а сега најново ќе го менуваат системот за лични долкументи и тоа баш пред избори.
„Иако Тошковски и Мицкоски ветуваа дека и брат да е ќе одговара, гледаме дека кога станува збор за брат на градоначалник на ВМРО-ДПМНЕ тогаш тоа не важи“, рече Филипче.
Тој се осврна и на јавната администрација, при што рече дека партизацијата на институциите е официјализирана, а партиската книшка е главна квалификација за работа во државата.
„Нивните функционери отворено кажуваат дека вработувањата во болниците и секаде на друго место се само по партиска заслуга. Тоа го кажуваат гордо, без срам – како да е нормално, посочи Филипче.
Во однос на евроинтеграциите тој нагласи дека по една година владеење на ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ, Македонија не само што не се доближила до ЕУ, туку се оддалечила од секоја стратешка насока.
„По една година е јасно дека напред е слепа улица со ВМРО-ДПМНЕ. Нема план, нема волја, нема стратегија како нашата држава ќе стане членка на ЕУ и каде се движиме како нација… СДСМ даде поддршка, СДСМ имаше разбирање, нудеше реална соработка и национален консензус за клучните прашања. Бевме – и сè уште сме – спремни да застанеме и да поддржиме решение кое е пред сè во интерес на граѓаните“, рече Филипче.
Според него, владата избрала поинаков курс – пат кон изолација, неизвесност и порази.
„За жал, Владата фаќа друг пат – во непознат правец. Оваа несигурност, оваа бесперспективност ќе биде погубна за иднината на државата и нашите граѓани“, рече Филипче.
Инаку, на денешната трибина на еден од претходните панели потпретседателката на СДСМ, Ана Чупеска истакна дека во Македонија се случува сериозна тенденциозна операција која има цел да ја разниша уставно загарантираната поделба на власти и да ја поткопа независноста на правосудството како трета и клучна власт.
Чупеска потенцираше дека интервенциите врз судството, редовно продуцираните скандали и предмети од страна на власта на ВМРО-ДПМНЕ, се во директна спротивност со ветувањата од нивната изборна програма.
„Наместо реални реформи и правда, сведочиме на континуирано и систематско поткопување на судската независност и правдата. Ветувањата за правда, вклучително и правдата за неправедно осудените, останаа само празни зборови, додека надежта за правда е сериозно нарушена. Особено загрижувачки е третманот на мајките на жртвите од Кочани, кој ја отсликува вистинската состојба на правдата во државата“, рече Чупеска.