Филипче – Дрекслер: Загрижува политиката на актуелната власт во однос на евроинтеграцискиот процес

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска се сретна со амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер.

На средбата претседателот на СДСМ, Филипче, ја запозна амбасадорката со идните политики на партијата, како и со актуелните внатрепартиски реформи кои се однесуваат на процесот на обновување и зајакнување на партијата како најсилна опозициска социјалдемократска партија.

„СДСМ направи длабинска анализа на резултатите од парламентарните избори и она за што во следниот период сме цврсто решени да го реализираме е да направиме програмска и кадровска обнова. Нашата цел е да бидеме препознаени од страна на граѓаните како единствена и вистинска социјалдемократска политичка алтернатива на актуелната власт“, рече Филипче на средбата.

Воедно, на средбата се разговараше и за процесот на европската интеграција на државата. При тоа, претседателот Филипче изрази загриженост од политиката на актуелната власт во однос на евроинтеграцискиот процес, нагласувајќи дека иднината на Северна Македонија е во Европската Унија и дека СДСМ останува посветен во исполнување на преговарачката рамка и на суштинските реформи во рамки на Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан.

„СДСМ во периодот кога ја предводеше Владата реализираше сериозни реформски исчекори во однос на придвижување на евроинтеграцискиот процес на државата. Но, во моментов имаме ситуација кога актуелната власт нема јасен план на оваа тема“, рече претседателот Филипче.

На средбата, претседателот на СДСМ, Филипче ја запозна амбасадорката Дрекслер и со меѓународните активности на партијата во рамки на Партијата на европските социјалисти како и билатералната соработка со сестринската Социјалдемократска партија на Германија и со германската социјалдемократска фондација „Фридрих Еберт“.