Филипче: Дали декларацијата во ЕП е доволна гаранција за Мицкоски?
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, разговарал со секретарот на ПЕС за Македонија за да добие поддршка од партијата на социјалистите и демократите во Европскиот парламент, објави денеска тој во изјава за медиуми. Тоа е реакција на повикот на премиерот Христијан Мицкоски за извештајот на напредокот на Македонија во која се споменува македонскиот идентитет и јазик, а за кој следната недела ќе се расправа во Европскиот парламент.

„Јас веќе вчера зборував со секретарот на Партијата на европски социјалисти (ПЕС), во чие семејство ние припаѓаме – господинот Џакомо Филибек, во однос на координации. Денес ги продолжуваме разговорите, да видиме кои се тие конкретни чекори коишто треба да ги направиме, да разговараме со европратениците кои припаѓаат во нашето семејство на демократи и социјалисти“, рече Филипче.
При тоа, Филипче го отвори прашањето дали оваа декларација ќе биде доволна гаранција за владата за да го откочи евроинтеграцискиот процес.
„Што е целта на оваа декларација и дали конечно доколку биде е прифатена тоа ќе биде нешто што за премиерот ќе биде доволна форма на гаранција за да се започне процесот на уставните измени? Поради тоа што се има впечаток дека владата секогаш има некакви принципи и црвени линии, меѓутоа, ако тие не важат, имаат и други. На почетокот беше одолженото дејство на уставните измени, понатаму беа пресудите во Стразбур, еве сега – декларација во Европскиот парламент. Значи, клучното прашање е што е тоа што е доволно?“, рече Филипче.
Во изјвата за медиуми, Филипче посочи дека во мандатот на владите на СДСМ се донесоа храбри и државнички одлуки со кои се заштити и јазикот и идентитетот на македонскиот народ.
„Ние, како влада, направивме за да се заштити и јазикот и идентитетот на македонскиот народ. Доказ за тоа е што македонскиот јазик е официјално прифатен во Европската унија, без никакви ѕвездички или фусноти. Веќе има потпишан прв официјален договор на чист македонски јазик – договорот за Фронтекс. Но, еве, ќе бидеме апсолутно конструктивни, затоа што сметам дека тоа е и добро и правилно, поради тоа што треба конечно да го откочиме овој блокиран процес“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.