„Приориртет и понатаму ќе останат пациентите со ретки болести. Во првиот мандат го зголемивме буџетот за 200% за овие пациенти и воведовме 7 нови лекови. Во следните четири години за секој нов лек кој ќе се појави на светкиот пазар за било која ретка болест, ние ќе го направиме достапен за нашите пациенти“ рече носителот на листата во ИЕ3, Венко Филипче на промоцијата на програмата на СДСМ, „Програма за европска иднина“.
Тој додаде дека по укинувањето на паралелниот увоз на лекови и обезбедувањето оригинални инсулини за 20 илјади пациенти, владата предводена од СДСМ ќе се обврзи на воведување уште три нови квалитетни лекови од групата на инсулините.
„Понатаму, планираме значително подобрување на условите за студентите. Во следните четири години ќе ги удвојуваме квотите за упис на факултетите и ќе ја укинеме партиципацијата за студирање на медицинскиот, стоматолошкиот и фармацевскиот факултет. Ја решаваме критичната побарувачка за здравствени работници и инвестираме во иднината на македонската медицина“ рече Филипче.
Тој додаде дека развојот на новиот Медицински факултет во Битола е доказ за посветеноста на образованието и иновациите во здравството и симболизира нова ера во медицинската едукација во земјава.