Остри реакции за нападот врз Арсовска: Зошто постои МВР?

Јавноста е шокирана од денешниот напад врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска од многубројна група луѓе кога таа на терен посочуваше дивоградба во општина Чаир како и од реакцијата на полицијата во времето на настанот, а и после тоа.

Јавноста е шокирана од денешниот напад врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска од многубројна група луѓе кога таа на терен посочуваше дивоградба во општина Чаир како и од реакцијата на полицијата во времето на настанот, а и после тоа.

Трите збора од реакцијата на Зелен хуман град – Зошто постои МВР? – можеби најсликовите го покажуваат заплетканоста во која се најде полицијата во бизнис и политичките интереси на оние што се на власт во Чаир, а и оние што се коалициски партнери во Владата.

Реакцијата на владејачката ВМРО-ДПМНЕ беше на ниско ниво, од советничката група во Град Скопје, кој осуди секаков вид насилство, притисоци и закани.

„Било кое такво однесување е неприфатливо и надвор од здравиот разум. Бараме институциите да го расветлат случајот, сѐ до конечно дознавање на вистината и утрдување на фактите на случајот кој ја разбранува јавноста“. Тоа е се во реакцијата.

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, повика на итна одговорност и поведување постапка против насилниците. „Барам итно да се осудат насилниците и барам итно да се поведе постапка против службениците на МВР кои не постапиле и не ги заштитиле претставниците на Градот. Шест часа од бруталниот напад врз градоначалничката на Скопје, а од ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски сè уште нема ни збор за осуда. Молкот понекогаш зборува погласно од зборовите” , стои во ракцијата на Филипче на неговиот профил на Фејсбук.

Тој предупреди дека не се работи само за напад врз градоначалничката и службениците од Градот, туку за тоа дали секој од нас може без страв да се спротистави на криминалот.

„Пораката што власта ја испраќа е дека секој кој ќе се обиде да го обелодени нивниот криминал ќе се соочи со опасност по личната безбедност. Ова е страшно и недозволиво“, вели Филипче.

Посебно соопштение издаде СДСМ во кое се вели дека „овој брутален напад е последица на атмосферата на страв и беззаконие што ја создава оваа власт. Овој напад е уште еден доказ дека кога се зборува за криминал, кога се откриваат злоупотреби, институциите не ве штитат — туку ве оставаат на милост и немилост на насилниците.

Со недели наназад, јавноста гледаше како во Скопје се откриваат скандали, дивоградби, приклучоци, милионски малверзации, но наместо истрагите да завршат со расчистување на криминалот, завршија со закани. Наместо институциите да ги казнат криминалците, молчеа. Наместо полицијата да ги заштити граѓаните и правото — дозволи ова да се случи.

Ваквиот напад е срам за државата и порака до сите граѓани дека ако зборуваат за криминал и неправда, ќе бидат замолчени со сила“.

Арсовска до Тошковски: Ако се плашиш од тие што тепаат по улици, дади си оставка

Од Зелен хуман град велат:

„Државата ни стана дива лига, дива депонија и див запад каде што законот е само декларација на хартија, а институциите се евтина сценографија од стиропор. Напади се случуваат (без разлика дали жртвата е функционер или не) пред очите на полицијата, која претпочита да ‘не зазема страна’ без да добие директива од партиски штаб. Нападите врз градоначалничката Данела Арсовска и службениците од Град Скопје најостро ги осудуваме, а уште повеќе ги осудуваме кукавиците од МВР, чие молчење и пасивност ја охрабруваат насилничката багра. Од една страна имаме партиски босови во блиндирани коли со лични шофери за секое кафе кои си усвоија закон за ‘безбедносни појаси’ околу Собрание, а од друга – секојдневни тепачки, убиства, сообраќајки и јавни закани за силување што ниту една институција на државата не се труди да ги спречи. Децениското уништување на иституциите нè доведе овде, до состојба во која дивјаштвото е правило, а редот е исклучок. МВР, кога ќе ги уапсите и притворите дивјаците од Чаир?! Или чекате да убијат некого и да избегаат преку граница во багажник?“

Хелсиншкиот комитет за човекови права најостро го осудува физичкиот и вербалниот напад врз градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Според сведочењето на Арсовска, напаѓачот ѝ се заканувал со силување и убиство на нејзините блиски, а потоа и физички ја нападнал, удирајќи ја со клоци. Наместо итна интервенција и заштита, полицајците кои биле присутни на лице место, наводно, не реагирале соодветно, дозволувајќи толпата да продолжи со навреди, физички напади и закани.

Овој напад е уште еден алармантен пример за ризиците со кои се соочуваат жените во јавниот живот – насилство, навреди, закани, клевети и институционална незаинтересираност.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека се приведени двајца напаѓачи. Но нема информации за мерки против полициските службеници кои биле присутни на местото на настанот.

Арсовска објави снимка од тепањето во Чаир: Како не ви е срам лавови вмровски, да го браните командантов на ОВК

Хелсиншкиот комитет за човекови права бара итна и независна истрага за случајот; одговорност за полициските службеници кои не постапиле соодветно на местото на настанот, обезбедување ефективна и итна заштита за градоначалничката и другите службени лица кои биле нападнати.

„Непостапувањето на институциите во случаи на очигледно насилство не само што ја охрабрува културата на неказнивост, туку директно го загрозува владеењето на правото и демократијата“, велат од Хелсиншки.

Реагираа и од ДОМ и ЛДП. Тие нагласуваат дека молкот од институциите во вакви случаи може да значи само охрабрување на насилството и легитимизација на урбаната мафија, која го претвора јавниот простор во Скопје во зона на страв, закани и неказнивост.

Градоначалникот на општина Карпош, Стевчо Јакимовски, прашува дали да чекаме некој да биде убиен. за да се освестиме.

„Она што ѝ се случи денес на Данела Арсовска не е „инцидент“. Тоа е директен напад врз институцијата, врз една жена, врз јавниот поредок. Со клоци, со пцуење, со закани за силување и убиство на нејзиното семејство. И што? Ќе викаме „демократија“?! Ќе глумиме дека не сме виделе?! Ќе чекаме некој да биде убиен за да се освестиме?!“, праша Јакимовски.