Филипче: Апсолутна власт на ВМРО-ДПМНЕ е најопасно нешто за државата

На денешната конвенција на СДСМ, претседателот на партијата Венко Филипче порача дека како партија не ветуваат спектакли, не нудат лаги и шарени програми, туку остварливи, реални програми и служба во интерес на граѓаните.

На денешната конвенција на СДСМ, претседателот на партијата Венко Филипче порача дека како партија не ветуваат спектакли, не нудат лаги и шарени програми, туку остварливи, реални програми и служба во интерес на граѓаните.

СДСМ Според него, Македонија во моментов нема подобри кандидати од оние на СДСМ, додавајќи дека станува збор за професионалци во своите области и луѓе од кои, како што рече партискиот лидер, на овие избори ќе бара да го дадат својот збор пред граѓаните, а не пред партијата.

Додаде оти Социјалдемократскиот сојуз извлекол поука од последните избори и дека на овие нуди луѓе со интегритет.

„Да, и ние сме грешеле. Граѓаните нè казнија и тоа е лекција што ја прифативме без изговори. Денес стоиме со нова енергија и со нова понуда. Не бараме бланко доверба, бараме шанса за овие луѓе во кои цврсто верувам, што ќе ја мерите на дело. Нашата политика не е за моќ, туку за ред, соработка и услуга за граѓаните. Нашата амбиција не е да владееме без контрола, туку да ја воспоставиме контролата што им припаѓа на граѓаните. Бараме да ги држите одговорни овие луѓе зад мене. Бараме да ги проверувате. Бараме да ги мерите според тоа кому служат – на партијата или на луѓето“, рече Филипче.

Според негова оценка, апсолутната власт што ВМРО-ДПМНЕ во моментов ја има на локално и на централно ниво е нешто најопасно што може да ѝ се случи на државата, оценувајќи оти општеството е жртва на прераната изгубеност на власта.

„Помина речиси година и пол откако ВМРО-ДПМНЕ има целосна централна власт и четири години откако имаат мнозинска локална власт. Ова е доволно време граѓаните да видат со кого си имаат работа. Ова е доволно време пред сè затоа што оваа власт не донесе ништо ново, туку само ги продолжи старите политики на лажен пи-ар, напади на опозицијата, партизација на институциите, целосна неспособност да се испорачаат резултати и целосно нејасна стратегија за тоа каде ја водат државата и што граѓаните може да очекуваат“, порача лидерот на СДСМ.

Во пораката до граѓаните и до членството на СДСМ, Филипче упати порака за обединување и спротивставување на, како што рече, лажниот патриотизам кој се користи за манипулација и на заканата земјата повторно да биде ставена под контрола на партиски режим кој носи застој.

Кон крајот на својот говор тој им се обрати на граѓаните кои на последните избори гласале за промена на власта.

„Знам дека повеќето од нив не гласаа од љубов кон нив, туку со надеж за нешто подобро, некаква власт која ќе работи и тоа е чесна и нормална, очекувана потреба. Но денес, по сите големи зборови, по година и пол од власта на ВМРО-ДПМНЕ, реалноста е сурова – цените дивеат, платите тапкаат во место, институциите се претвораат во партиски канцеларии, а секојдневието е потешко од вчера. Наместо план за иднината, гледаме тешка импровизација. Наместо правда, гледаме закочени реформи, скандали, партизација и селективна правда. Наместо достоинство во меѓународната политика, гледаме понижувања и маргинализирање на државата“, рече Филипче.

Филипе испрати порака и до разочараните членови но и до оние кои се двоумат дали да излезат на гласање, потенцирајќи дека е важно да се излезе на претстојните избори

Лидерот на СДСМ на крајот се осврна на резолуцијата за црвените линии на земјава во однос на европските интеграции што пред неколку дена ја престави во јавноста, велејќи дека се работи за документ кој во фокус ги става македонските интереси, прозвајќи ја власта да не се прави дека не ја разбира содржината на напишаното.