Додека земјите од Западен Балкан сонуваат за влез во ЕУ, ветуван речиси дваесет години, нивните народи, како што пишува париски „Фигаро” , изразуваат сомневања дека новата структура – Европската политичка заедница (ЕПЗ), од која Русија е исклучена, ќе ги исполни нивните очекувања, пренесува дописникот на МИА од Стразбур.
Дали оваа Европска политичка заедница почната на 6 октомври во Прага ќе ја забрза интеграцијата на нациите од Западен Балкан или ќе биде чекална за регионот уморен од неможноста да се приклучи на ЕУ, а кој го посакуваат Кина, Русија и Турција? Ако претседателот Емануел Макрон увери во неговата „Стразбуршка заклетва” пред Европскиот парламент, на 9 мај 2022 година, дека „за Западен Балкан, патот е веќе трасиран” – оној на пристапувањето – нејасностиите сè уште преовладуваат во овие земји.
Вознемиреноста да се остане на прагот на ЕУ барем уште една деценија е разбирлива со оглед на тоа што европскиот хоризонт му беше понуден на регионот пред речиси дваесет години, за време на Европскиот совет во Солун на 21 јуни 2003 година, а само Хрватска и Бугарија оттогаш станаа членови на ЕУ, потсетува „Фигаро”.
„За балканското јавно мислење, ЕПЗ не е јасен проект. Албанија го поздрави, како и Црна Гора, гледајќи го како платформа за дискусија за низа теми, додека на Косово речиси и не се споменуваше, освен да се нагласи неговото учество”, подвлекува Агон Малиќи, политички аналитичар со седиште во Тирана.
„Во Босна и Херцеговина, инерцијата и поделбите се такви што преовладува скептицизмот”, додава западен дипломат стациониран во Сараево. Од страна на Северна Македонија, премиерот Димитар Ковачевски ја поздравува иницијативата за ЕПЗ, но инсистира дека таа „не треба и не смее да го замени полноправното членство во ЕУ”.
Што се однесува до Србија, нејзиниот претседател Александар Вучиќ потврди дека тоа „ќе биде можеби најважниот и најинтересниот ден во последните десет години, бидејќи ќе знаеме каква ќе биде архитектурата на Европа, а што ја чека Србија”. Единствената европска земја која не се усогласи со режимот на санкции против Русија, со кој е потпишан план за консултации со министерствата за надворешни работи за следните две години, Белград добро знае дека неговата балансирана позиција тешко ќе се одржи.
Прелиминарниот извештај на Европскиот парламент за стратегијата на ЕУ за проширување, кој треба да се дискутира, го условува продолжувањето на пристапните преговори и отворањето нови поглавја со усвојување санкции против Русија и целосно усогласување со надворешната и безбедносната политика на ЕУ.
„Повеќе се плашам од кога и да е, нè очекува уште потежок период од оној во 1990-тите”, релативизира Вучиќ, кој се надева уште еднаш да го спаси својот изборен влог играјќи на стравот од иднината по сè поголемиот евроскептицизам на српското население (45 отсто го поддржуваат членството во ЕУ во 2022 година, во споредба со 55 отсто во 2016 година, според Институтот за европски прашања (ИЕП).