Фетаи му врти грб на Таравари, сакал да остане во владата?

Според функционерот од ВМРО-ДПМНЕ, вицепремиерот Фетаи најверојатно нема да поднесе оставка, бидејќи веќе изразил интерес да остане во кабинетот на премиерот Мицкоски.

Во вторник, на 20 мај, ќе се одржи собраниската седница на која министерот за здравство Арбен Таравари и формално ќе се збогува од функцијата, брифира за „Слободен печат“ висок функционер од ВМРО-ДПМНЕ.

Според медиумот, ресорот здравство останува кај владиниот партнер „Вреди“ и , според брифингот, вицепремиерот Арбен Фетаи нема да му се придружи на Таравари, туку ќе остане дел од владиниот кабинет на Христијан Мицкоски.

Со Таравари во опозиција се очекува да заминат и замениците министри Флакрон Беџети и Елфете Исмаили. Неизвесно е само дали на масата на претседателот на Собранието Африм Гаши прво ќе стаса оставката од Таравари или барањето на Мицкоски за разрешување на министерот за здравство.

Според функционерот од ВМРО-ДПМНЕ, вицепремиерот Фетаи најверојатно нема да поднесе оставка, бидејќи веќе изразил интерес да остане во кабинетот на премиерот Мицкоски.

Фетаи не присуствуваше на состанокот на Централното претседателство, кога Алијанса за Албанците донесе одлука да заминат во опозиција.

Изет Меџити од „Вреди“ порача дека по заминувањето на Таравари од Владата, играта не е завршена, туку допрва почнува кога станува збор за пратениците и за легитимитетот што ДУИ го оспорува и бара предвремени парламентарни избори.

„Што се однесува до пратениците, мислам дека играта не е завршена, играта е почната. Ако мислеа дека со заминувањето на Таравари играта е завршена, тогаш ќе видиме во иднина дека оваа игра ќе продолжи и ќе се игра на теренот на ‘Европскиот фронт’“, рече Меџити.