Фајон се надева дека ќе остане шефица на словенечката дипломатија

Потпретседателката на Владата на Словенија и претседателка на Социјалдемократите (СД) во заминување, Тања Фајон изјави дека се надева дека и натаму ќе биде министер за надворешни работи на Словенија.

Фајон рече дека како претседателка на СД платила висока цена за аферата со купувањето на судската зграда во Љубљана, иако со таа приказна, според нејзините зборови, нема никаква врска. Затоа, наведува, не гледа причина да си замине од министерската функција.

„Се надевам дека ќе останам министер за надворешни работи, немам друга намера. И по неполни две години, мислам дека зацртавме добар пат и дека министерството работи добро“, рече Фајон.

Таа изјавила дека за тоа разговарала и со словенечкиот премиер Роберт Голоб.

„Денеска никој не ја условува и не ја доведува во прашање смената на нашиот министерски тим, мислам дека добро си ја врши работата. Признавам дека тоа беше тешка одлука за мене. Добра одлука донесов кога решив да одам на изборен конгрес. Сакам да дадам шанса откако бевме многу повредени со ова, така да се каже, несреќно купување на Палатата на правдата и аферата што следеше. Купувачот беше многу погоден, а јас лично плаќам висока цена. Мислам дека најтешкиот дел е зад нас. Но, навистина сакам да му дадам шанса на новиот претседател да здивне со ново раководство – можеби и јас преземам дел од одговорноста“, потенцира Фајон.