
„Фајнанс тинк“: Растот во третиот квартал има солидна динамика, но потребна е фискална претпазливост
Како што посочуваат од „Фајнанс тинк“ растот на бруто инвестициите е варијабилна компонента на растот на БДП и неопходно е да се следи неговото однесување во следниот период.
Институтот за економски истражувања и политики „Фајнанс тинк“ во најновиот макроекономски монитор се осврнува на растот на БДП во третиот квартал од 2025, кој забрза на 3,8 отсто на годишна основа.
„Остварувањето е во линија со нашите очекувања изразени во претходните Макроекономски монитори и со нашата проекција од 3.5% за целата 2025 година. Забрзувањето е најмногу водено од растот во бруто инвестициите (30.6%), што е одраз на инвестициските активности во приватниот сектор и на инфраструктурните инвестиции на државата и општините“, се вели во коментарот.
Сепак, како што посочуваат од „Фајнанс тинк“ растот на бруто инвестициите е варијабилна компонента на растот на БДП и неопходно е да се следи неговото однесување во следниот период.
По подолг временски период, растот на приватната потрошувачка спласна (0.9%), иако растот на доходите, и особено на платите (10%), продолжи, а кредитниот раст на домаќинствата забрза (10.8%). Извозот (3.4%) и увозот (9.9%) продолжија со внимателни растови како одраз на неизвесностите кај трговските партнери на европскиот континент и нацаринската политика на САД. На производната страна, растот во овој квартал е на релативно широка основа како и претходно, но јасно е воден од градежништвото (21%).
Невработеноста во третиот квартал од 2025не се промени, на 11.5%. Но, зголементата активација на населението (52.5% од 52.2%), придонесе вработеноста благо да се зголеми на 46.5% (од 46.2%). Растот на вработеноста е доминантно резултат на раст на неформалната вработеност, која продолжи да се зголемува и во овој квартал се искачи на 14.3%. Стапката на слободни работни места (2.02%) во овој квартал остана слична како и во претходните, што упатува дека недостигот од нискоквалификувани работници останува хроничен, а најпогоден сектор е угостителството и туризмот. Овие движења на пазарот на труд укажуваат на помала воздржаност од претходно, но сепак условите се влошени, посочуваат од „Фајнанс тинк“.
Во третиот квартал од 2025, инфлацијата повторно забрза на 4.4% на годишна основа (од 3.8%).
Во овој квартал, упорната инфлација е главно сврзана со ефектите од порастот на доходите врз потрошувачката (раст на базичната инфлација од 5.2%). Овие ризици налагаат потреба од понатамошна претпазливост и од фискалната и од монетарната страна.
Динамиката на економијата од овој квартал се очекува да продолжи до крајот на 2025 година и во текот на 2026 година. Ризик за растот остануваат глобалните неизвесности, а на домашната сцена динамизираниот раст е неопходно да е придружен со консолидирана фискална политика. „Фајнанс тинк“ останува на проекцијата за реален раст на БДП во 2025 од 3,5% дадена во декември 2024. Проекцијата за растот на БДП во 2026 година изнесува 3,8%, додека проекцијата за инфлацијата 2,7%