
Фатиме Фетаи им ја расипа прославата на обвинителите
Фатиме Фетаи им ја расипа прославата на јавните обвинители денес порачувајќи дека Денот на правосудството не може да биде само ден за честитање, туку треба да се прават вистински чекори за правдата и за интегритетот, за кои толку зборуваа сите.
Фатиме Фетаи им ја расипа прославата на јавните обвинители денес порачувајќи дека Денот на правосудството не може да биде само ден за честитање, туку треба да се прават вистински чекори за правдата и за интегритетот, за кои толку зборуваа сите.
Притоа, таа ја повика членката на Советот за јавни обвинители Марјана Илиеска јавно пред сите да каже дали бил во ред начинот на кој во петокот беа избрани новите јавни обвинители во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, споменувајќи притоа дека самата Илиеска пред седницата јавно изјавувала дека Фетаи била најдобар кандидат и единствена за која би гласала – за да потоа гласа против неа, пишува Независен.
Таа додаде дека за неа и за колегите што трпат, како што рече, неправди, важно е кога се гласа да се каже кои им биле слабостите, односно кои се аргументите што некои биле избрани или не. Со видлива нервоза таа практично сугерираше дека не станува збор за преседан и дека во друга прилика претходно била прогласена дури за деловно неспособна за да не биде избрана, а за да се оправда тоа оттогаш се бара од сите обвинители да носат потврда за деловна способност.
Место да и одговори директно, Илиеска се повика на новиот Закон за Советот за јавни обвинители кој ќе содржел според неа прецизни критериуми за избор, тврдејќи дека во овој случај Советот го дал својот максимум.
Претходно Фетаи го побара микрофонот нагласувајќи дека може да биде доволно гласна и без него, по што му честиташе на новиот јавен обвинител Ненад Савески за изборот , верувајќи дека ќе вложи се од себе за да ги насочи работите во вистински правец иако, како што рече, сигурно е свесен дека тие не зависат од еден човек. По нејзиното прашање дискусијата беше прекината, а Савески им подели благодарници на сите претходни јавни обвинители кои за првпат беа поканети да присуствуваат, во како што рече „оваа убава зграда на ЈО и наш симбол“.
На ова му претходеа теоретизирања далеку од реалноста, во кои по стоти пат се кажуваше дека правдата и интегритетот се нивниот штит и дека своето место во системот треба да го демонстрираат преку независност и транспарентност, притоа заблагодарувајќи им се на меѓународните донатори што им помагаат, а пред се евроамбасадорот Михалис Рокас кој седеше во првиот ред.