Фатена на дело е жена која му подготвувала атентат на Зеленски

Украинската разузнавачка служба (СБУ) денеска соопшти дека уапсила доушник осомничен дека им помагал на Русите да планираат напад врз претседателот Володимир Зеленски додека тој бил во обиколка на поплавените области на југот на земјата.

СБУ тврди дека уапсената жена собирала разузнавачки информации за да се обиде да ја дознае маршрутата на Зеленски пред неговата посета на Миколаевската област.

Објавени се и заматена слика на жена која беше уапсена од маскирани членови на СБУ во кујната и неколку телефонски пораки и рачно напишани белешки за воени активности.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на Телеграм напиша дека шефот на СБУ го информирал за „борбата против предавниците“.

СБУ тврди дека Украина била свесна дека се подготвува заговор и вовела дополнителни безбедносни мерки за време на посетата на Зеленски.

Тие веруваат дека осомничениот и помагал на Русија во подготовката на „масивен воздушен напад“ на Миколаевската област. Тие нагласуваат дека ја следеле осомничената за да добијат повеќе информации за нејзините претпоставени и задачи.

– Фатена е на дело додека се обидувала да им пренесе разузнавачки податоци на руските тајни служби – соопшти СБУ, додавајќи дека осомничената жена живеела во градот Очаково и дека пред војната работела во трговија во тамошната воена база.

Таа, наводно, ги фотографирала локациите и се обидела да добие информации од лични контакти во областа.

Уапсената жена може да се соочи со обвинение за неовластено ширење информации за движење на оружје и војници, а може да добие и до 12 години затвор.