Фабриката за челик – прв приоритет за Украина

„Фабриката за челик „Азовстал“ стана приоритет број еден за политичкото и военото раководство на Украина“.

Ова за „Би-Би-Си“ го изјави советникот на украинскиот министер за одбрана, Јуриј Сак.

Тој истакна дека напорите се насочени кон одбрана на огромниот индустриски комплекс и управување со натамошни евакуации.

„Азовстал“ е последното упориште на украинскиот отпор во стратешки важниот пристаништен град Мариупол, за кој Сак забележува дека станал „срцето“ на војната. Тој призна дека ситуацијата во фабриката била „исклучително тешка“ за нивните војници.

„Руските трупи сега започнаа копнена офанзива, откако претходно се фокусираа на воздушни бомбардирања и ракетни напади. Ние сме тивки оптимисти. Но, се разбира, имаме лоши искуства со Русија, која не ги почитува своите обврски“ – нагласи воениот советник.