УЈП: Завршија контролите во КАМ, нема затворен објект!
УЈП соопшти дека завршија контролите на терен во „КАМ“ и ниту еден маркет не е затворен.
„Законска обврска на УЈП е да го штити интересот на граѓаните и на државата. Во таа насока, а по пријава на граѓани и институции, УЈП почна со надворешна контрола, согласно законот за увид во состојбата со залихите на трговската стока во магацините и продавниците, со цел да се утврди фактичката состојба и да се изврши споредба со книговодствената евиденција. Со првичниот и прелиминарен увид на терен, инспекторите утврдија дека дел од малопродажните објекти, не само во погоре посочениот маркет, туку и кај некои други маркети на големите ланци, се пресметувалo пет отсто ДДВ за основните производи за храна“ – наведуваат од УЈП.
Дел од маркетите, според Управата, продавале масло за јадење, свежо говедско месо, ориз и млеко со пресметан данок на додадена вредност што е спротивно на одлуката на Владата и на измените во Законот за данок на додадена вредност.
„Без селекција и преку надворешните контроли кои ги извршуваат инспекторите на УЈП, кај сите даночни обврзници се проверува целокупното работење за одредениот период, односно, се контролира правилното искажување на приходите и трошоците од работењето кај даночните обврзници, кои покажале отстапки по однос на примената на даночната стапка, односно со намалување на ДДВ од 5 на 0 проценти. Инспекторите постапуваат по пријави на граѓани и извршуваат увид и контрола секаде каде што веќе имаше укажување и сомневање дека постојат индиции за непочитување на законите при работењето“ – истакнуваат од УЈП.
Управата најавува дека ќе продолжи со континуирани контроли на терен со цел заштита на стандардот на граѓаните.