Уште 22 навивачи на загрепскиот фудбалски клуб Динамо се ослободени од грчките затвори во кои се наоѓаа од август поради нередите во Атина, во кои загина грчки навивач, соопштено е во Загреб.
Министерството за надворешни и европски работи на Хрватска соопшти дека заедно со денеска ослободените хрватски државјани, од грчките затвори се ослободени 63 хрватски државјани од 102 од нив.
Во соопштението за медиумите се наведува дека во согласност со инструкциите на Владата, амбасадата во Атина на сите им понудила финансиска помош при враќањето во Хрватска. Исто така, се додава, им била понудена опција за плаќање кауција со подоцнежен рефундирање, но таа понуда не била прифатена, бидејќи кауцијата била платена преку адвокатите на навивачите.
Хрватската амбасада во Атина досега има обезбедено финансиска помош за набавка на авионски билети и други трошоци за враќање во Хрватска за 38 навивачи, а за 14 од нив се издадени пасоши, се вели во соопштението.
Навивачот на фудбалскиот клуб АЕК, Михалис Кацурис, беше убиен на 7 август во нереди пред натпреварот од квалификациите за Лигата на шампионите, а потоа во Грција беа уапсени 102 членови на навивачката група „Бед Блу Бојс“ кои оттогаш се во затвори во Грција. Тие се товарат за 11 кривични и прекршочни дела. Најсериозното, убиството на навивач на АЕК пред мечот со Динамо, беше отфрлено бидејќи ДНК анализата покажа дека грчкиот навивач не бил убиен од ниту еден од приведените хрватски навивачи.