Уште четворица во притвор, меѓу нив и министерот Салиу, куќен за Сарачини и Незири

Истрагата за случајот со катастрофалниот пожар од 16. минатиот месец мора да заврши за уште два месеци.

Основниот суд Кочани денеска ги прифати предложените мерки за новосомничените лица во проширената истрага за пожарот во дискотеката „Пулс“ што ги побара Обвинителството. Четворица одат зад решетки, шест во куќен притвор а за 8 мерки на претпазливост од 19-те ново осомничени во истрагата за пожарот во кочанската дискотека „Пулс“. Актуелниот министер без ресор осомничен како директор на ДЗС, Шабан Салиу оди во притвор, додека за ексминистерите за економија Ваљон Сарачини и Беким Незири им е определен куќен. Дритон Кучи кој исто така се сомничи за периодот додека ја извршувал функцијата министер за економија, се очекува да се врати од Норвешка каде беше амбасадор. Од отворањето до кобниот 16 март ниту еден инспектор не стапнал во кабарето да ги направи потребните контроли, а раководителите на инститциите не презеле ништо во таа насока. Четворица поранешни министри во Економија, тројца државни секретари и шест службеници од истото министерство, се под истрага, затоа што му овозможувале на кабарето да добива лиценци без да ги исполнува минимално-техничките услови за работа. Актуелниот министер за економија Бесар Дурмиши не е опфатен во истрагата бидејќи газдата на кабарето не иницирал постапка за нова лиценца, а последната е од 2023 година кога министер за економија беше Крешник Бектеши.

Сите 19 новосомничени лица, како и претходните 27 физички и три правни лица, за кои беше поведена истрага, се осомничени за „Тешки дела против општата сигурност“ од член 292 во врска со член 288 од Кривичниот законик. Истражни постапки има и против седум полициски службеници од СВР Штип и ПСОН Кочани.

Како што прецизира на денешниот прес државниот обвинител, досега е поведена истрага кон 45 физички и три правни лица. Едно од физичките лица во меѓувреме почина и против него истрагата ќе биде прекината. Порача дека истрагата ќе биде максимално ефективна и ќе ги даде посакуваните ефекти.

-Во изминатиот период, обвинителскиот тим кој е проширен на вкупно 13 јавни обвинители интензивно постапуваше и испитуваше повеќе линии на одговорност за пожарот во кој за жал животот го загубија 61 лице, меѓу кои шест деца, а беа повредени уште 197 лица од кои 25 деца. Покрај оние за кои постојат сомненија за директна одговорност како сопственици, управители, организатори на забавата, обезбедување во клубот на критичната ноќ и корисници на пиротехничките средства, се истражува одговорноста и на сите институции и службени лица кои со своите незаконити дејствија и пропусти во континуитет довеле до тоа кабарето „Пулс“ во Кочани од самиот почеток во подолг временски период па се до настанување на пожарот да продолжи да врши угостителска дејност без воопшто да исполнува законски услови за тоа и со нарушување на сите безбедносни правила по животот на лицата кои го посетувале објектот. Законските норми и надлежности за заштита на безбедноста се јасни и тие се донесени и мора да се почитуваат токму за да се избегне ваква катастрофа, рече Коцевски.

Истрага се води и против седум полициски службеници во постапката што ја отпочна Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција односно Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција за целосно утврдување на линијата на одговорност, за што јавноста ќе биде веднаш известена.

Коцевски најави и дека претстојат уште многу дејствија, распити и анализи, потенцирајќи дека истрагата ќе биде максимално ефикасна и ќе ги даде сите очекувани одговори за оваа трагедија.

Истрагата за случајот со катастрофалниот пожар од 16. минатиот месец мора да заврши за уште два месеци.