Уште еден предизвик за Трамп – Мајк Пенс ја објави својата претседателска кандидатура

Се зголемува кругот на луѓе кои ќе го предизвикаат Доналд Трамп во борбата за претседателска номинација во Американската Републиканска партија.

По гувернерот на Флорида, Рон Де Сантис, својата претседателска кандидатура ја најави и Мајк Пенс, поранешен потпретседател на САД во администрацијата на Трамп од 2017 до 2021 година.

Според предизборните анкети, Трамп е убедливо најпопуларниот меѓу гласачите на републиканците во Америка.

Се очекува 63-годишниот Пенс официјално да ја започне кампањата во среда.

Поранешниот гувернер и конгресмен на Индијана се огради од својот поранешен шеф по смртоносните немири во јануари 2021 година, кога поддржувачите на Трамп упаднаа во американскиот Конгрес во Вашингтон.

Трамп го притисна Пенс да ја поништи изборната победа на Џозеф Бајден кога тој претседаваше со конгресната комисија која ги потврди резултатите од претседателските избори во 2020 година.

Но, Пенс одби, предизвикувајќи гнев кај поддржувачите на Трамп, од кои некои извикуваа „обеси го Мајк Пенс“ додека упаднаа во Капитол.

Поранешниот потпретседател во март рече дека охрабрувањето на немирите од страна на Трамп „го загрозило моето семејство и сите во Капитол тој ден“.

Трката за избор на републиканскиот кандидат за претседател на САД започнува идниот февруари, а кандидатите веќе се на кампањата барајќи гласови.

Најдобриот добитник на гласови ќе биде номиниран во летото 2024 година на Националната конвенција на Републиканците и најверојатно ќе се соочи со актуелниот претседател Џозеф Бајден, кому му се даваат најголеми шанси повторно да биде демократски кандидат на изборите во ноември 2024 година.

Пенс, кој себеси се опишува како „христијанин, конзервативец и републиканец, по тој редослед“, се очекува да се позиционира како продолжение на конзервативната агенда на администрацијата на Трамп, но без повеќекратните оптоварувања што ги носи Трамп.

Пенс се надева дека ќе добие силна поддршка во Ајова, каде верските конзервативци се влијателен гласачки блок во државата и му помогнаа на сенаторот од Тексас, Тед Круз, тесно да го победи Трамп во 2016 година.