Уште десет сомнителни „кардиолошки случаи“ пријавени во ФЗО, досега вкупно 23

➡ Уште десет „кардиолошки случаи“ стигнале во Фондот за здравствено осигурување од индивидуи и организации за сомнителни операции, а оттаму велат ќе ги достават до Министерството за здравство.

Уште десет „кардиолошки случаи“ стигнале во Фондот за здравствено осигурување од индивидуи и организации за сомнителни операции, а оттаму велат ќе ги достават до Министерството за здравство.

Претходно, до нив стигнаа и пет предмети кои сега ги разгледува домашната комисија. Според извори на Телма нови десетина случаи ќе достави и приватна болница за сомнителни операции кои биле вршени во државно здравство.

Ресорното министерството, пред две недели, побара од Лекарската комора да изврши надзор во 11 јавни и приватни здравствени установи во кои се извршувале кардиолошки, кардиохируршки и кардиоваскуларни интервенции.

Надзорот, како што појаснуваат од Комората, треба да опфати период од три години, и да се изведе по принцип на случаен избор на медицински истории. Но, поради обемноста, велат побарале од здравство изборот да се направи преку електронскиот систем „Мој термин“, како најбрз начин за селекција, со цел побрзо да почне надзорот.

Почната е постапка за селекција во директна комуникација со болниците. Откако ќе бидат селектирани случаите, од здравствените установи ќе бидат побарани медицинските истории за секој случај што е предмет на надзор, по што истите ќе бидат разгледани. Но, со оглед на обемноста на надзорот, ќе треба и соодветно време за да може да биде завршен, соопштуваат од Лекарската комора.

Пред еден месец, државната кардиохирургија ги достави првите осум случаи до домашната комисија. Директорот Димитриевски кажа дека станува збор за пациенти кај кои е направена коронарографија и каде се гледале неправилности.

Случајот за непотребни операции на срце го отвори кардиологот Сашко Кедев. По обвинувањата дека приватни болници непотребно оперирале само за профит, министерот за здравство формираше две комисии, домашна и странска, кои треба да ги разгледаат сомнежите.

Експерти од Словенија, Италија и Австрија ќе треба да кажат дали сомнежите се оправдани и дали навистина имало непотребни операции на срце за да се извлечат фондовски пари. Сепак, најавено е дека странската комисија ќе почне со работа по изборите.