Учество на Ангеловска-Бежоска на светскиот форум на Алијансата за финансиска вклученост
Потребата за поголем пристап до финансии особено доаѓа до израз во услови на макроекономски и геополитички превирања коишто во глобални рамки повеќе ги погодуваат жените, младите, другите ранливи групи, микро и малите претпријатија и руралните заедници.
Најновото истражување на Светската банка „Финдекс“ покажува дека во глобални рамки, вклучително и кај нас пристапот до финансии е олеснет. Овие прашања беа дел од светскиот форум на Алијансата за финансиска вклученост којшто се одржа во Јордан. Во рамките на форумот, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска учествуваше на средбата за регионот на Источна Европа и Централна Азија и на работната средба на гувернерите посветена на пристапот на жените до финансии. Таа оствари средба и со извршниот директор на Алијансата, г. Алфред Ханинг, на која се разгледаа можностите за продлабочување на соработката, а оствари и билатерални средби со повеќе гувернери.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска на средбата за регионот на Источна Европа и Централна Азија ги сподели постигнувањата и институционалните приоритети на Народната банка на Република Северна Македонија за финансиската вклученост. Централната банка презема големи чекори за унапредување на финансиската вклученост и финансиските познавања на населението во државата. За таа цел, заедно со другите финансиски регулатори, а под водство на Народната банка, минатата година беше усвоена првата национална Стратегија за финансиска едукација и финансиска инклузија, со што земјата се издвојува меѓу првите од регионот коишто имаат стратегиска подготвеност за координиран пристап и подготвено ги пречекуваат предизвиците што се отвораат со новите можности за дигитална финансиска вклученост. Проактивното делување на централната банка придонесува за одење во чекор со дигитализацијата, како време со нови можности за поголема финансиска инклузија и со нови предизвици. Во рамките на заложбите, Народната банка презема бројни активности и за подготовка на Националната стратегија за поддршка на развојот на финтек-секторот. Повисокиот степен на финансиска едукација, инклузија и заштита на потрошувачите во областа на банкарските услуги е еден од приоритетите на централната банка.