
УХМР со предупредување: Опасност од излевање на реките во Западна Македонија
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска напладне издаде предупредување за значително зголемување на водостојот на реките во западните делови на државата.
Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) денеска напладне издаде предупредување за значително зголемување на водостојот на реките во западните делови на државата.
Обилните врнежи во изминатите 24 часа предизвикаа нагло полнење на речните корита, а состојбата се очекува да се влошува во текот на денот.
Според Секторот за хидрологија, ова се најризичните подрачја каде се можни излевања до крајот на денот:
Полошки регион (Гостивар и Тетово): Во горниот дел од сливот на реката Вардар се бележи висок водостој. Постои опасност од „заезерување“ во делови на Полошката Котлина, како и локални излевања на помалите реки и суводолници во гостиварско и тетовско.
Река Треска и Кичево: Треска има висок водостој, а критични точки за излевање се селата Пласница и Лисичани. Се очекува пораст и на нејзината лева притока, реката Кичевска.
Пелагонија и Демир Хисар: Реката Црна бележи пораст, а можни се излевања во Демир Хисар, Кичевско и Пелагонискиот регион.
Охридско-Струшки регион: Зголемен водостој имаат реките Сатеска и Коселска, каде исто така се можни локални излевања на помалите водотеци.
УХМР упатува итен апел до граѓаните за крајна претпазливост.
„Апелираме на претпазливо движење покрај реките и водотеците во западните делови на земјата во текот на денот, поради можност од појава на високи води“, велат од Управата.
Исто така, се препорачува внимателно следење на состојбата и во источните делови, каде се можни изолирани поинтензивни врнежи.