Утрово се спасувале заглавени лица во возило на Галичица

Рано утрово, по повик на 112 во ЦУК, од 05.00 часот па до 08.00 имаше спасителна акција на Галичица, што е успешно завршена во координација на Секторот за операции и координација во ЦУК, информираат од ЦУК.

– Конкретно, Регионалниот ЦУК Охрид, рано утрово, известува дека има заглавени лица со моторно возило на врвот на Галичица, иако тој патен правец е подолго време затворен за моторни возила. Веднаш се известени од Единицата за спасување на планина во Охрид, коишто, согласно временската видливост, итно се упатиле на терен за да помогнат и да ги извлечат, а секако и сите надлежни институции биле известени за натамошна постапка. ЦУК информира дека паралелно било комуницирано и со граѓаните од заглавеното возило за да се дознае повеќе за нивната состојба при што се информирани дека спасителите се на пат за нивно извлекување – велат од ЦУК.

Инаку, согласно информацијата на АМСМ за сезонскиот режим на сообраќај, од 15.11.2023 година, патниот правец Охрид – Ресен, преку националниот парк Галичица, е затворен за сообраќај за сите видови возила. се до 01.04.2024 година. На самото место била поставена соодветна сообраќајна сигнализација.