Утре пред пратениците ребаланс на Буџетот – се очекува жестока дебата!

Утре пред пратениците во македонското Собрание, на Комисијата за финансирање и буџет ќе се најде рекордно високиот ребаланс на Буџет од 4,7 милијарди евра.

Незадоволството кај граѓаните и бизнисот расте откако Владата најави дека ќе донесе нови антикризни мерки дури откако ќе се усвои ребалансот.

Од ССМ најавуваат протести ако не се исполни најавеното покачување од 2.806 денари по работник во администрацијата. За да се усвои ова нивно барање тие поднесоа и амандман на ребалансот.

Најмногу пари се кратат во Министерството за транспорт од 60 милиони евра, а исто толку се додаваат во Министерството за труд и социјала.

Повеќе ќе се потроши и за набавка на стоки и услуги. Првичните 336 милиони се зголемуваат на 374 милиони евра. Ќе има и поголеми трансфери до општините за 13 милиони евра, односно ќе се префрлат 376 милиони евра.

За 34 милиони евра ќе биде поголем буџетот на Фондот за здравствено осигурување или 630 милиони евра. Се зголемуваат и трансферите до Фондот на 47 милиони евра. Пензионерите ќе добијат 1,4 милијарди евра или 100 милиони повеќе од претходно планираното. Буџетските трансфери кон фондот за пензии изнесуваат речиси половина милијарда евра.

Државата планира да се задолжи за 900 милиони евра, но не се исклучува долгот да надмине и 1 милијарда евра. Парите ќе се бараат од меѓународните финансиски институции.

Инфлацијата е проектирана на 7,2%.