Од Независниот Синдикат на управата за водење на матични книги за утре во периодот од 14 до 17 часот најавија протестен марш.
Причина за маршот на „матичарите“ кои се во штрајк е молкот од управата и Министерството за правда. Оттаму велат дека маршот ќе се одвива на релација Градска болница – Собрание – Министерството за правда.
„Со овој протест ќе се обидеме преку блокирање на дел од булеварите на централното градско подрачје да го блокираме излезот на вработените во самото Министерство за правда, но и на министерот за правда да го попречиме во заминувањето кон дома после завршувањето на работното време“ – велат од Синдикатот.
Претседателот на Управата за матични книги – Тони Милошевски најави дека пред Министерство за правда ќе ги образложи причините за штрајкот.
Во матичните служби во земјава работат околу 500 лица, кои очекуваат зголемување на платите.
Голем дел од нив, според првиот човек на Синдикатот, веќе една деценија работат со минимална плата од само 14.700 денари, додека унапредување никогаш немало.
Уверенија не се издаваат петти ден во Управите за матични книги, освен за итни случаи на болести или смрт, во и надвор од државата.