Утре започнува скрининг процесот за земјава, а за прв пат во Македонија пристигна и работната група наречена “Коела“ за проширување за земјите кои преговараат за пристапување во ЕУ. Целта на посетата е да се види до каде се законите во земјава со легислативата на Унијата.
Леош Јавурек, претставник на Коела, рече дека дошле за да видат до каде се подготовките на земјава на патот кон ЕУ, и улогата на Собранието за отворањето на поглавјата.
„Пример, за животната средина, загадениот воздух што е чувствителна тема за Скопје, во текот на скринингот што ќе започне утре, можеби ќе се утврди дека е потребен посебен закон за да се реши проблемот со загадениот воздух и да добиете можеби предлог од ЕУ да усвоите таков закон и се разбира дека тоа ќе му биде предложено на Собранието. Ние вака работиме и комуницираме. Ќе поставиме цели и работиме да ги исполниме тие цели“, вели Леош Јавурек.
Скринингот подразбира усогласување на домашната легислатива со таа на ЕУ, во првото поглавје – основните вредности. Тимови од двете страни се очекува брзо да ја завршат работата, бидејќи овој вид скрининг е направен и во 2019. Евроамбасадорот Дејвид Гир рече дека сега е јасен патот на Македонија кон ЕУ.
„Процес скринингот треба да заврши до ноември. Билатералниот скрининг кој ќе започне во ноември ќе покрие цел спектар политики и европска легислатива врз основа на новата методологија која е организирана во 6 кластери кои опфаќаат 33 поглавја од европската легислатива. Треба да имаме предвид дека во текот на преговарачкиот процес, целата европска легислатива ќе биде преведена на македонски јазик“, посочи Дејвид Гир.
Александар Николоски претседател на националниот Совет за евроинтеграции, истакна дека Македонија долго време чека пред вратите на ЕУ. Скрининг процесот бара усогласување на сите политики во земјава, изјави Арбр Адеми, претседател на Советот за европски прашања.
„Оваа денешна заедничка средба меѓу овие две тела, националниот совет за евроинтеграции, иако раководен од пратеник од опозицијата, почитуваниот г. Николоски, и Комисијата за надворешни политики предводена од мене како претставник на партија на власт, е добар показател дека сите важни прашања кои се однесуваат на интеграцијата на нашата земја во големото европско семејство, треба да ги правиме заедно“, вели Арбр Адеми.