
Утре е последниот работен ден на премиерот. Во четврток рано наутро Ковачевски ќе си поднесе оставка, техничка Влада ќе имаме пред крајот на викендот. Приказната дека опозицијата мора да гласа за владата на Џафери денеска заглави во обидот на премиерот да ја оправда својата партија која во 2016 не само што не гласаше, туку не ни присуствуваше на седницата на која се избра првата пржинска влада на Емил Димитриев.
Ковачевски да им се извини на граѓаните за се што им направи во овие година дена, побара опозицијата
Димитар Ковачевски на ден пред заминување од функцијата премиер, наместо да собере храброст и да им се извини на граѓаните за сите лаги, манипулации и неправди, одбра да лаже.
Ковачевски не учествувал на избори и затоа не е свесен за своите неуспеси, но неговото заврши – порачаа од опозиција во писмено соопштение.
Тие пак, своите министри треба да ги официјализираат утре. За доцна вечерта закажана е седница на извршниот комитет по која ќе се знае кои ќе бидат наследниците на Спасовски и Тренчевска во МВР и Труд и социјала. Во ВМРО-ДПМНЕ се уште не може да се добијат имињата на двајцата министри и тројцата заменици. Неофицијално Наќе Чулев веќе не е во игра а како најсериозен кандидат за заменик во земјоделие се споменува Цветан Трипуновски.
Согласно планот на власта, по оставката на Ковачевски во четврток, Џафери до петок треба да го добие мандатот за да може до сабота да почне седницата. Од неговиот кабинет за утре најавуваат ад хок координација на која ќе бидат прецизирани точните датуми.
Џафери ќе биде третиот прижински премиер по Емил Димитриев и Оливер Спасовски. И двјацата негови претходници на позициите останаа подолго од она што го предвидуваше законот.