
Утрешната седница на Комисијата за надзор над работата на АНБ и АР ќе ја води Славјанка Петровска
Утрешната седница на Комисијата за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност ќе ја води пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска, откако актуелниот претседател Скендер Реџепи одби да ја закаже, затоа што како што вели власта цела година му го нема издадено безбедносниот сертификат.
Денес попладне претседателот на Собранието, Африм Гаши за утре во 11 часот ја закажа Комисија на чиј дневен ред има една точка и тоа Предлог на заклучок за вршење на надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност во просториите на Агенцијата.
И опозицијата и власта бараат тема на Комисијата за надзор над работата АНБ да бидат актуелните сомнежите за незаконско прислушување од Агенцијата за национална безбедност, кое наводно се вршело во периодот од 2019 до 2024 година.
Денеска пратеничката Петровска, на прес конференција побара итна декласификација на целата документација поврзана со случајот во Агенцијата за национална безбедност (АНБ), оценувајќи дека станува збор за обид на власта да го прикаже случајот како скандал, без да понуди конкретни докази или информации, но и итно свикување на Комисијата за надзор над работата на АНБ.
„Во никој случај, и за ничии интереси, а најмалку за лични или тесно партиски, на граѓаните не смее да им се соопштуваат нецелосни и манипулативни информации. Тоа е неодговорно однесување“, изјави Петровска.
Пратеничката оцени дека досегашните изјави на власта се „штури и бледи“, и дека целта е политичка манипулација, а не вистинска борба за отчетност. Според неа, единствениот начин вистината да излезе на виделина е преку итна декласификација на сите документи.
Петровска упати и правна аргументација за своето барање, повикувајќи се на Член 14 од Законот за класифицирани информации, каде што се наведува дека создавачот на документот е и оној што може да ја промени неговата класификација. Дополнително, според Член 20 од истиот закон, ако класифицираната информација прикрива кривично дело или злоупотреба на функција, таа не смее да остане класифицирана.
„Ако се земат предвид тврдењата на власта за наводни злоупотреби, токму тој член овозможува итна декласификација – без изговори и одолговлекувања“, вели таа.
Како втор чекор, рече Петровска, СДСМ бара итно свикување на собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ, за да се спроведе увид во декласифицираната документација.
„Пратениците кои сме членови на Комисијата имаме обврска да го извршиме овој надзор и потоа да ја информираме јавноста за нашите сознанија“, изјавија од партијата, додавајќи дека декласификацијата ќе ја отстрани и моменталната пречка за свикување на Комисијата, односно недостатокот на безбедносен сертификат на нејзиниот претседател, потенцираше Петровска.
Според неа, на овој начин ќе се „растера маглата“ што, како што вели, ВМРО-ДПМНЕ намерно ја создава за да се одвлече вниманието од сопствените скандали и да се создаде основа за спојување на АНБ со АР, што го оценуваат како ризичен потег.
„Спојувањето на АНБ со други институции не е механичка операција, туку сложена интелектуална реформа која, ако не се спроведе внимателно и во согласност со државните интереси, може да има сериозни последици“, порача пратеничката.
Петровска: Законот јасно кажува дека АНБ ги декласифицира документите
Вчера и пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, и член на Комисијата, Љупчо Пренџов рече дека Комисијата за надзор над работата на АНБ треба да заседава.
„Обврска на комисијата е да делува одговорно и транспарентно, со цел, да се обезбеди отчетност на институциите и заштита на нивниот интегритет и демократијата во државата“, појасни Пренџов.
Претседателот на Комисијата, Скендер Реџепи рече дека нема да ја свика бидејќи бил дискриминиран дека нема да може да присуствува на класифицираните информации бидејќи нема одговор на барањето за безбедносен сертификат кое го побарал во ноември или декември минатата година.
„Се додека сум јас претседател и дискриминиран од власта, од службите, нема да повикам таков состанок. Бидејќи и моето присуство, кога би повикал состанок, јас не би можела да присуствувам во класифицирани информации таму кај што се оди. Која би била логиката, претседателот на Комисијата да не може да присуствува во една таква Комисија или таков претрес во службите. Јас пред една година сум поднел барање за сертификат безбедносен и нормално, кога таква една можност, пратеник во Собранието останува да биде вреднуван од партиски службеници, на кои што скандалите секоја година им се појавуваат што значи дека ти се во интерес на сите политички партии, најмалку на државните. Сметам дека тоа е дискриминација не само за мене, но и за сите пратеници во Собранието“, истакна Реџепи.
Тој уште еднаш потенцираше дека нема да ја свика комисијата и им порача дека претседателот на Собранието има можност да свика Комисија да си одлучи оние кои имаат сертификати да одат и да ја завршат работата.
„Ако тие инсистираат, јас да го направам тоа, тогаш тие сакаат да не се заврши посетата“, нагласи Реџепи.