Утревечер ќе се знае дали ќе преживее владата на Кирил Петков!

Во бугарското Народно собрание попладнево, по 8 часа расправа, заврши дебата за предлогот на опозициската партија ГЕРБ на Бојко Борисов за гласање недоверба на владата на премиерот Кирил Петков.

Утревечер околу 19 часот ќе се знае дали ќе преживее владата предводена од Кирил Петков

Пратениците од власта и опозицијата денеска најмногу дебатираа дали финансиската и економската политика на актуелната влада е успешна или не.

Пратениците од ГЕРБ истакнаа дека иако официјалниот мотив да побараат гласање недоверба е финансиската политика на власта, всушност владата, според нив, потфрлила во сите сектори. Тие ги потенцираа високата инфлација и ниските приходи во Буџетот и обвинија дека од владата на Петков гледаат само слаби менаџерски способности и заткулисни игри.

Вицепремиерот Асен Василев од Продолжуваме со промените од каде доаѓа и премиерот Петков, на обвинувањата одговори дека инфлацијата не е само бугарски туку глобален проблем и сите земји-членки на ЕУ се обидуваат да го решат заеднички. Во одбрана на владата, пак, тој нагласи дека се зголемени минималната плата и пензија, имало даночни олеснувања за младите семејства, како и намалување на јавниот долг.

Премиерот Кирил Петков, пак, од собраниската говорница претходно им порача на пратениците дека во моментов се пишува историјата на Бугарија и побара од нив да не дозволуваат бугарската политика да зависи од неколку луѓе кои не се во парламентот со нив.

Меѓу тие луѓе тој го спомена поранешниот премиер и лидер на ГЕРБ, Бојко Борисов, велејќи дека тој се плаши оти ќе го стигне правдата за тоа што правел додека бил на функцијата, па затоа, според Петков, неговиот претходник е една од вистинските причини зошто се бара гласање недоверба на владата.

Премиерот од собраниската говорница повтори дека Северна Македонија не е вистинската причина зошто ИТН на Трифонов решила да излезе од владејачката коалиција, туку причината се парите кои не ги добиле преку Министерството за регионален развој.