Упатството на министерот за правда Кренар Лога, со кое вметна графа за етничка припадност во изводите, привремено нема да важи.
Ова е одлуката донесена од уставните судии донесена со пет гласа „за“ и два „против“.
Расправата траеше повеќе од еден и пол час, а ја следеше Лога.
Одлучија постапката за упатството да продолжи, а до конечна одлука да има привремена мерка за упатството да не се применува. Глас „против“ постапката да продолжи имаше од Насер Ајдари и од Фатмир Скендер.
По ваквата одлука, Лога рече дека сега се отвора Пандорината кутија бидејќи, според него, во многу наврати не било почитувано вметнување графа за етничка припадност.
Поранешната министерка за правда, Рената Дескоска, инаку професорка по уставно право, оцени дека одлуката на Уставниот суд да го преиспитува новото упатство за матични книги, во кое има графа за националност, е добра вест.
Според неа, новото упатство треба да се поништи. Таа наведува дека сензитивните податоци за етничката припадност, религијата, политичката припадност и сексуалната ориентација не смее да се најдат во документ, туку само во матичната книга затоа што Македонија е потписник на неколку меѓународни документи за заштита на податоците.
„Етничката припадност спаѓа во групата сензитивни податоци, кои подлежат на посебна заштита во согласност со правилата за заштита на личните податоци. Други такви податоци се за религиозна припадност, политичка определба, здравствена состојба, сексуална ориентација и сл. Нашата држава е потписник на Конвенцијата за заштита на лицата во однос на автоматската обработка на личните податоци, а јас лично во декември 2019 го потпишав и протоколот за нејзина измена, со кој дополнително се зајакнува заштитата на овие чувствителни податоци. Тој протокол е ратификуван во Собранието во јуни 2021 и е задолжителен за нас“, напиша Дескоска.