Уставниот суд со постапка за Колективниот договор за култура: Сомнеж за автономен платен систем

Од уставно-судската анализа на предметот, според судот, произлегле три клучни прашања: дали колективниот договор ја надминува законската делегација утврдена со закон, дали воспоставува автономен платен систем без јасна нормативна рамка и дали обезбедува доволно прецизни и објективни критериуми за утврдување на висината на платите.

Поради сомнеж дека го надминува законското овластување, воспоставува автономен систем на плати без соодветна законска рамка и не содржи јасни и објективни критериуми за утврдување на платите, Уставниот суд поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на колективниот договор за култура – се наведува во соопштението на Уставниот суд како појаснување за одлуката донесена на 9. седница одржана вчера по поднесена иницијатива од адвокатот Томислав Стефков. Истовремено, судот по сопствена иницијатива поведе постапка и за член 78-љ од Законот за културата.

Од уставно-судската анализа на предметот, според судот, произлегле три клучни прашања: дали колективниот договор ја надминува законската делегација утврдена со закон, дали воспоставува автономен платен систем без јасна нормативна рамка и дали обезбедува доволно прецизни и објективни критериуми за утврдување на висината на платите.

Во оваа фаза од постапката, појаснуваат од Уставен, судот оценува дека колективниот договор не се движи во рамките на законското овластување бидејќи, наместо да ја разработи законската норма од член 78-љ од Законот за културата, воспоставува сопствен модел за утврдување на платите. Според Уставниот суд, на тој начин се нарушуваат принципите на владеење на правото и поделбата на власта, а се доведува во прашање и законитоста на системот на плати во културниот сектор.

Според Уставниот суд, како основано се поставило и прашањето дали пропустот со неуредување на прашањата за плати и додатоци треба да се лоцира во членот 76-љ од Законот за културата, во кој не се утврдени методологија за пресметка на плата, коефициенти на сложеност и јасна формула за пресметка. Судот наведува дека недостигот на критериуми, на методологија и на граници ги доведува во прашање правната сигурност и еднаквоста на вработените бидејќи платата како основно право од работен однос не произлегува директно од закон.

Во таа насока било отворено и прашањето дали двајца вработени со исти квалификации, на исто работно место и во иста дејност, може да имаат различна плата само поради различен основач на установата и дали во таков случај вредноста на трудот ја определува системот или расположливиот буџет.

Во однос на одредбите за платено отсуство за образование, стручно усовршување и уметнички ангажмани, судот изразил сомнеж дека се воспоставуваат платени отсуства со значително подолг временски опсег од законски дозволениот, со што се менува дистинкцијата меѓу платено и неплатено отсуство и се надминуваат законските лимити.

Одговарајќи на новинарски прашања, од Уставниот суд информираат дека колективниот договор за култура опфаќа 74 национални установи со 1.976 вработени и 49 локални установи, со уште 492 вработени, односно вкупно 2.345 вработени во 123 установи од областа на културата.

Според доставените податоци, основната плата се движи од 45.000 денари за најниското звање на помошно-техничкиот персонал, до околу 128.000 денари за највисоките звања кај давателите на услуги.