Уставниот суд со поддршка на ЕУ отвора јавна дебата за Закон за Уставниот суд

Уставниот суд на 28 април организира тркалезна маса за потребата од донесување Закон за Уставниот суд. Настанот се одржува со поддршка на Европската Унија преку ИПА 3 механизмот.

Уставниот суд на Република Северна Македонија, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија во Скопје преку механизмот ИПА 3, на 28 април 2025 година ќе организира тркалезна маса на тема „Дали ни е потребен Закон за Уставен суд?“.

Со овој настан, Уставниот суд ја отвора јавната дебата за прашањето што со децении е присутно во јавниот дискурс без конкретен епилог.

Како што соопштија од Судот, тркалезната маса ќе ја отворат претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, претседателката Гордана Сиљановска Давкова и амбасадорот на Европската Унија во Скопје, Михалис Рокас. Воведни обраќања ќе имаат и амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер, како и амбасадорката на САД, Анџела Прајс Агелер.

Обраќањата ќе се емитуваат во живо на веб-страницата и на официјалниот Фејсбук профил на Уставниот суд, со поддршка на Медиумската информативна агенција (МИА), со цел да им се овозможи на сите заинтересирани граѓани да го следат настанот.

Во рамки на тркалезната маса ќе биде презентирана студијата изработена од тројца правни експерти ангажирани преку ИПА 3 проектот – Карстен Манке, Мартин Сопронов и Маргарита Цаца Николовска. Студијата ги анализира правните, компаративните и практичните аспекти на функционирањето на Уставниот суд и ја отвора дилемата за потребата од донесување на посебен Закон за Уставниот суд. Таа е подготвувана во периодот од октомври 2023 до април 2025 година, преку компаративна анализа, преглед на националната законска рамка и консултации со релевантни чинители.

Свои излагања на настанот ќе имаат и судиите на Уставниот суд Татјана Васиќ-Бозаџиева и Ана Павловска-Данева, како и универзитетските професори по уставно право: Татјана Каракамишева, Денис Прешова, Јетон Шасивари и Рената Тренеска Дескоска.

Во дебатата ќе учествуваат и претставници на граѓанскиот сектор, Дарко Аврамовски од „Коалицијата – Сите за правично судење“ и Бојан Трпевски од Македонското здружение на млади правници.

Со оваа тркалезна маса, Уставниот суд ја официјализира соработката со ЕУ проектот „Зајакнување на капацитетите на Уставниот суд за оценување на уставноста и законитоста на донесените правни акти и заштита на човековите права“, чија цел е унапредување на владеењето на правото, заштита на основните права и зголемување на транспарентноста на работата на Судот, согласно европските стандарди.