Уставниот суд се прогласи ненадлежен на предлог законот за независните кандидати

Во врска со барањeто на независните кандидати од десет општини Уставниот суд да реагира на новиот Предлог-закон за измени на Изборниот законик, претседателот Дарко Костадиновски испрати писмен допис во кој нагласи дека како институција можат да ја ценат уставноста на законите, но не и на предлог-законите.

Во врска со барањeто на независните кандидати од десет општини Уставниот суд да реагира на новиот Предлог-закон за измени на Изборниот законик, претседателот Дарко Костадиновски испрати писмен допис во кој нагласи дека како институција можат да ја ценат уставноста на законите, но не и на предлог-законите.

-Со оглед дека вашето барање се однесува на оценување на уставноста на Предлог на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик по скратена постапка, ве известувам дека Уставниот суд, согласно со Уставот и Актот на Судот, е надлежен да ја цени уставноста на законите, а не на предлог- законите. Следствено на ова, Уставниот суд, од аспект на апстрактната контрола, е надлежен да ја цени уставноста и законитоста на позитивното право, односно на општите прописи и општите акти што се дел од правниот поредок и нивната уставност и законитост во време на нивното важење.

Неспорно е дека согласно со член 13 и 91 од Актот на Судот, Уставниот суд го следи остварувањето на уставноста, законитоста и слободите и правата на човекот и граѓанинот утврдени со Уставот и по свое наоѓање може да усвои посебен извештај во кој ќе укаже на потребата за преземање мерки за нивно остварување и заштита и ќе го достави до надлежниот орган, односно врз основа нa претходно добиени податоци и известувања Уставниот суд може да донесе посебно решение со кое ќе утврди дека неговата одлука не е извршена и ќе го извести надлежното јавно обвинителство, како и органот што го именувал или избрал раководителот на органот или телото кое не ја извршило одлуката на Судот. Но, во однос на вашето барање за усвојување на посебен извештај за Предлог законот за изменување и дополнување на Изборниот законик по скратена постапка, ве известувам дека Уставниот суд извештај од аспект на член 13 од Актот на Судот може да усвои исклучиво за закон кој е дел од правниот поредок”, стои во реакцијата на Костадиновски.