Уставниот суд поведе постапка за Методологијата за Пописот 2021

- Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да поведе постапка за оспорените одредби од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година.

Уставниот суд со мнозинство гласови одлучи да поведе постапка за оспорените одредби од Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија, 2021 година.

Како што соопштија од Судот, мнозинството судии оспорените одредби ги стави под сомнеж за нивната законитост а преку тоа и нивната уставност, бидејќи основано се појави сомнеж дали директорот на Државниот завод за статистика имал законски основ за донесување на оспорените одредби односно дали ги пречекорил своите овластувања и без законски основ во подзаконски акт уредувал (materia legis) законска материја.

Доколку во втората фаза, како што велат од Судот, се потврди сомнежот тоа би значело повреда на правната сигурност како фундаментален принцип на владеењето на правото и повреда на начелото на поделба на власта, бидејќи се ставил во улога на законодавец.

Подносителот на иницијативата Скендер Реџепи смета дека содржината на Методологијата има категории на населението за кои ќе се обезбедат податоци со пописот, односно категорија „вкупно резидентно население” и „вкупо нерезидентно население”, што не се предвидени во членот 6 став 1 алинеја 1, или пак со член 17 став 2 алинеја 1 од Законот за попис на населението не е предвидено директорот на Заводот за статистика да предвидува посебни категории.

Според подносителот со оспорените одредби се повредува владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок и се создава правна несигурност.

Дополнително, подносителот во иницијативата наведува дека е повредена еднаквоста на граѓаните како уставно загарантирана со членот 9, бидејќи само поради фактот дека некој граѓанин не се наоѓа во државата додека се вршел Пописот, му се скратуваат одредени права, меѓу кои и правото на вработување.